Партиите од опозицијата во Република Српска за денеска во Бања Лука најавија протест поради физичкиот напад на министерот за внатрешни работи Драган Лукач над пратеникот Драшко Станивуковиќ, за време на собраниската седница во понеделникот, на која се расправаше за Програмата за реформи во Босна и Херцеговина.

Непознати активисти, во вторникот вечер, на столбовите за улично осветлување во градот поставиле фотографии со ликот на министерот на полицијата со порака „Опасен Лукач“ и „Чувај се од Лукач“, пренесува сараевскиот портал „Кликс“.
Политичката аналитичарка Тања Топиќ, во изјава за „Ал џезира“, рече дека оставката на министерот би била единствениот логичен чекор. Оставка побара и од раководството на ентитетот Република Српска, кое, според неа, не е во состојба да одржи ред на парламентарните седници.

– Народното собрание на РС долго време заседава на работ на инциденти. Постојано се крши деловникот за работа на Собранието. Беше прашање на време кога ќе дојде до физичка пресметка. Што можат да очекуваат граѓаните кога министерот за полиција е подготвен да удри пратеник – вели Топиќ.

На последната седница на Народното собрание на Република Српска, Станивуковиќ во собраниската сала внесе знаменце на НАТО. Тој ги обвини владејачката СНДС на Милорад Додик и неговите коалициски партнери дека дале зелено светло Босна и Херцеговина да продолжи кон членство во западниот воен сојуз, иако претходно ветуваа дека БиХ ќе остане воено неутрална.