Трошоците за операција за промена на полот за тарнсродовите лица во иднина ќе бидат покриени во целост од Фондот за здравствено осигурување на Црна Гора. Наместо 80 отсто од трошоците за операцијата, тие ќе бидат покриени целосно, се предвидува во новите измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување. Овој нацрт-текст на законот ќе биде на јавна расправа до 28 март, објави весникот „Вјести“.

Во асоцијацијата „Спектра“, која работи на промоција и заштита на човековите права на трансродови, родово варијанти и интерполови лица, сметаат дека овој предлог е пример на добра анализа за актуелната состојба.

За претседателот на асоцијацијата Јован Уличевиќ, измените и дополнувањата на законот претставуваат едноставно препознавање на сегашната практика, а тоа е дека Фондот за здравствено осигурување ги финансира здравствените интервенции, меѓу кои е и процесот за приспособување на полот.

– Во досегашната практика, трошоците за наведените ставки беа покриени во целост, но не и во износ од 80 отсто, имајќи го предвид тоа што дополнителното осигурување никогаш не заживеа во практика – вели тој за „Вијести“.

Од „Спектра“ придонеле за намалување на трошоците што во текот на процесите за приспособување на полот ги покриваше ФЗО, така што воспоставија соработка со лекарите и вработените во здравствените установи во Црна Гора.

– Така, значително е олеснета процедурата за припадниците на оваа заедница, кои сега имаат пристап до експертите од областа на менталното здравје, ендокринологијата, како и за некои хируршки интервенции. Нацрт-законот за измена и дополнување на Законот за здравствено осигурување е пример за добро анализирана состојба и нејзино пресликување во законски рамки – појаснува Уличевиќ.