Бројот на граѓани на Косово кои заминале да војуваат во Сирија и Ирак бележи драстично опаѓање, така што од 2016 година не е пријавен ниту еден случај на заминување на косовски граѓани во тие две земји за да се вклучат во терористички организации.

Ова, како што јави дописникот на МИА од Приштина, се содржи во извештајот насловен „Преку причините: Новите опасности од насилниот екстремизам во Косово“, што денеска го презентира косовскиот Центар за безбедносни студии (ЌКСС).

Во извештајот се наведува дека друг предизвик претставува косовската дијаспора, затоа што околу 20 отсто од 400-те странски борци со потекло од Косово се родени или пораснати како второ или трето поколение на емигранти во државите на Западна Европа. Тие, како што се нагласува, се меѓу најекстремните странски борци.

Освен тоа, околу 190 косовски граѓани и натаму се наоѓаат во Сирија и Ирак.

Големи заслуги за спречувањето на Косовците да заминат да војуваат во тие земји, според ЌКСС, има косовската полиција и нејзините засилени активности на граничните премини.

Според извештајот, со разбивањето на џихадистичката група Исламска држава (ИД), нејзините припадници ја сменија стратегијата и почнаа да изведуваат напади низ Европа.

Косовскиот Центар за безбедносни судии, како што се вели на неговиот официјален сајт, е независен центар за политики на истражувања, формиран 2008 година и е посветен на развојот на безбедносниот сектор и реформите во Косово и Западен Балкан.