Партијата на Красимир Каракачанов не влезе во парламентот

Политичките сили во Бугарија кои се залагаа за блокадата на Македонија во евроинтеграциите не извлекоа корист од нивниот евтин потег, судејќи според резултатите на бугарските парламентарни избори одржани завчера, како што забележува експертот за Балканот, Флоријан Бибер.

– Земајќи ги предвид изборните резултати во Бугарија, можеме ли да кажеме дека оние што одлучија да ја блокираат Северна Македонија од почнувањето на пристапните преговори со ЕУ, имаа корист од националистичкиот евтин потег? Време е да одиме понатаму – напиша Бибер на Твитер.

Во прилог на забелешките на Бибер одат и изборните резултати, според кои победи партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов (освои 25,8 отсто), но сепак забележа најголем одлив на гласовите, слично како и најголемата опозициска сила во пресрет на изборите БСП (14,8 отсто).

Изгледите на Борисов за задржување на премиерската функција делуваат разнишани бидејќи се смета дека го очекуваат тешки преговори за составување на владина коалиција. За да го стори тоа, тој ќе треба да придобие поддршка меѓу останатите шест партии кои ќе влезат во расцепканиот парламент.

Најголем губитник на изборите веројано е партијата што имаше најжестока реторика кон Македонија – ВМРО-БНД на актуелниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, која не успее да влезе во парламентот, откако не го надмина изборниот праг од четири проценти.