Од 3 август досега околу 450.000 лица аплицирале за намалување на периодот за отслужување на воениот рок во Турција со плаќање одредена сума. Заинтересираните турски граѓани за намалување на воениот рок, ќе можат да аплицираат до 3 ноември.

Намалувањето на периодот за служење војска се прави во координација на Министерството за национална одбрана на Турција, Генералштабот и Генералната команда на жандармеријата.

Законот, со кој се овозможува намалување на воениот рок, преку доплата на одредна сума, беше донесен од турскиот Парламент на 26 јули.

Новите одредби им овозможуваат на турските граѓани да го завршат отслужувањето на воениот рок за само 21 ден, наместо за 5,5 или за 12 месеци, доколку се дипломирани студенти, со плаќање одредена сума пари на надлежните власти преку банкарска сметка.

Според законот, на граѓаните родени на или пред 1 јануари 1994 година ќе им биде понудено да отслужат воен рок во траење од 21 ден, доколку платат 15.000 турски лири (2.290 долари).