Земјата во подрачјето околу Петриња продолжува да се тресе, по силниот земјотрес што го погоди хрватскиот град пред новогодишните празници. Во изминатото деноноќие биле регистрирани потреси во епицентралното подрачје на Петриња. Сеизмолошкиот центар во Хрватска јави за нов земјотрес од 4,2 степени, кој бил регистриран вчераутро.
Медиумите во Хрватска информираат за појавата на дупки во земјата на повеќе места во подрачјето покрај реките Купа и Сава, односно во Сисачко-мославската жупанија, за кои жителите сметаат дека се последица од земјотресот, пренесува „Јутарњи лист“.
– Кога ќе се случи потрес тогаш доаѓа до компактирање на песокот и пропаѓање на земјата. Цврстата почва и мокриот песок под површината на земјата стануваат течност. Оваа маса избива на површината, а тоа се случи во селото Брест, каде што напукна земјата и песокот се исфрли на површината. Некои од куќите испукаа и тие се неупотребливи – изјави сеизмологот Ивица Совиќ, за ХТВ.
Во земјотресот во Хрватска се оштетени 8.928 згради. Околу 20 отсто се целосно срушени или сериозно оштетени и повеќе не можат да се користат. За 24 отсто од објектите ќе биде потребен дополнителен статички преглед, а 54 отсто од објектите може да се користат и покрај штетата. Бројот на оштетени згради сигурно ќе биде поголем и се очекуваат конечните извештаи.