Во свидетелствата на учениците во Хрватска годинава првпат не се наведени полот на детето и имињата на неговите родители. Оваа новина предизвика реакции и негодување кај дел од хрватските граѓани, а тоа го поврзуваат со прифаќањето на Истанбулската декларација во Собранието на Хрватска, за што беа организирани и протести од припадниците на десничарските партии и здруженија.
Ладислав Личиќ, претседател на партијата ХРАСТ, смета дека оваа измена за издавање на свидетелствата е спорна.
– Родовата идеологија малку по малку навлегува во нашата држава, без разлика дали станува збор за политиките на партиите како ХНС или ХДЗ. И едните и другите го поддржуваат овој процес, во кој се намалува идентитетот на секоја личност и нејзиното природно опкружување, а тоа е семејството. Изоставувањето на полот и името на родителите се прави со намера да се избрише идентитетот за да може некои други категории, како на пример родот, полесно да се решат. Сите претходни министри немаа храброст јавно да кажат дека ова е манипулација што не е научно поткрепена, со што би застанале во заштита на учениците – вели Личиќ.

Од Министерството за образование наведуваат дека измената во свидетелствата нема никаква врска со Истанбулската конвенција или со нејзината примена.
– Правилникот за педагошка документација и евиденција, како и за јавните исправи во училиштата, се применува од јуни 2017 година и во согласност со тоа се направени и промените во свидетелствата и другата педагошка документација – наведуваат од Министерството за образование во Хрватска.
Според најновите прописи, на свидетелствата се наоѓаат само податоците потребни за издавање на јавната исправа за успехот на учениците, а сите други податоци се водат во матичната книга во училиштата, како и досега.