Почина поранешниот премиер на Албанија, Башким Фино на 59-годишна возраст, соопшти неговото семејство и владејачката Социјалистичка партија.

Како што наведоа, Фино починал во болницата, каде што се лекувал неколку дена откако било откриено дека е заразен со коронавирус, пренесува АП.

Владата на Албанија денешниот ден го прогласи за Ден на национална жалост, па затоа знамињата во земјата беа спуштени на половина копје.

Фино, школуван како економист, беше градоначалник на Џирокастра и дојде на чело на албанската влада во 1997 година.

Земјата беше на работ на тотална анархија по распадот на широко распространетите пирамидални шеми, во кои голем број Албанци ги загубија своите животни заштеди.

Фино беше премиер пет месеци до одржувањето на предвремените избори што ги донесоа социјалистите на власт.