ХРВАТСКА

Жителите на Загреб во петокот вечер протестираа од своите балкони и прозорци против градоначалникот Милан Бандиќ, поради отсуството на поголема акција од градските власти за итно санирање на последиците од земјотресот, во кој беа оштетени над 26.000 објекти. Граѓаните својот револт го искажаа во петминутен протест, со гласно негодување, свиркање и тропање во тенџериња. Непосреден повод беше изјавата на градоначалникот Бандиќ дека за големите оштетувања одговорност имаат и самите станари, кои ги одложиле неопходните градежни санации на своите куќи и згради. Протестот беше на повик на граѓанската иницијатива „Загреб те повикува“, а беше спроведен под мотото „Отстапи, виновен си, доста е“.

Медиумите во Хрватска пишуваат за примери и за оштетувања на станови што се наоѓаат во новоизградени објекти, што упатува на тоа дека не биле почитувани критериумите за изградба во Загреб. На една од фотографиите може да се види дека во една зграда во централното подрачје на градот од земјотресот на 22 март пропаднале внатрешните скалила, во кои нема ставено доволно арматура.

Архитектката Мартија Петрињак во изјава за „Јутарњи лист“ изјави дека оваа зграда е пример како се заобиколуваат правилата за градба, за кои градските и државните органи издаваат дозволи, а притоа не знаат што им се случува на градилиштата.