За помалку од три децении популацијата на Босна и Херцеговина се намалила за една четвртина. Повеќе од 80.000 луѓе поднеле пријави дека се откажуваат од државјанството на БиХ во изминатите 18 години, пишува „Блумберг“, повикувајќи се на информации од Министерството за цивилни работи.

– Од секој што ќе се откаже од државјанството на БиХ, Владата ќе наплати по 800 конвертабилни марки (околу 400 евра). БиХ има склучено само три спогодби за двојно државјанство и годишно наплатува меѓу 1,2 и 1,5 милион конвертабилни марки од таксите што се плаќаат од лицата што ги враќаат пасошите – се наведува во информацијата на „Блумберг“.

Според податоците од 2001 година може да се забележи дека во последните три години постои стабилен тренд на враќање на државјанствата и нивната бројка изнесува меѓу 4 и 5 илјади лица.

Од Босна и Херцеговина најголеми иселувања имаше во текот на последната војна на Балканот. Од вкупниот број население од 4,4 милиони жители, по војната во земјата живеат 3,5 милиони лица. Но бранот на иселување продолжува и се проценува дека во БиХ нема повеќе од 3,3 милиони жители.

– Најлошо е што во последно време заминуваат младите. Тие би можеле да најдат работа во земјата, но сакаат да го продолжат животот во некоја од западните држави. Тоа ја разградува малата држава како што е БиХ – изјави Мирхунис Зукиќ, претседателка на невладината организација „Унија“.