Компаниите од Босна и Херцеговина, кои ги пласираат своите производи на Косово, можат да претрпат големи штети од одлуката на приштинските власти за зголемување на царините за сто отсто. Фирмите од БиХ имаат вложено многу пари во репроматеријали, опрема и работници, поради своите бизнис-планови за пласирање на производите на Косово. Според процената на Надворешно-трговската комора на БиХ, со одлуката на косовската влада се загрозени околу десет илјади работни места. Воведувањето реципрочни мерки не би било решение, затоа што односот на извозот и на увозот е 10 спрема еден во корист на БиХ.

– Ние не говориме за една фирма. Ние зборуваме за поврзана реакција, кога е во прашање млечната индустрија. Сите гранки се загрозени, затоа што имаат склучени договори – вели Вјекослав Вуковиќ, претседател на НТК.

Косово, најпрво, воведе такси за млечните производи од БиХ, па следуваа нови давачки од десет отсто на одредени артикли, за на крајот да се воведе општо покачување на царините од сто проценти.

Извозот од Босна и Херцеговина во Косово изнесува околу пет отсто од вкупниот извоз на земјата во државите што се потписнички на ЦЕФТА-договорот. Во последните години, БиХ извезе стока во вредност од 750 милиони конвертибилни марки, а од Косово е увезена стока во вредност од 60 милиони марки.

Одлуката на Косово најмногу ќе ги погоди агроиндустријата, металната и млечната индустрија, производството на масло и сокови и текстилниот сектор.