Активирање на надлежните државни органи за итно и трајно отстранување корисници и трговци со дрога од деловите и улиците во непосредна близина на Атинскиот универзитет за економија и бизнис бара ректоратот, кој одлучи, поради лошите услови во околината на објектот, вчера да се откажат сите предвидени предавања и активности за студентите.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, универзитетот симболично е затворен, а од ректоратот соопштуваат дека континуирано одржуваат состаноци за одново да се разгледа ситуацијата. Наедно е донесена резолуција во која се посочува дека се „создаваат големи опасности по безбедноста и здравјето на студентите и вработените и предизвикуваат страв и голема загриженост кај вработените, но и кај студентите, со резултат да бидат обесхрабрени да доаѓаат на предавањата“.

– Ректоратот, со чувство на одговорност, изразувајќи ја агонијата на универзитетската заедница, пред сѐ на илјадниците студенти и за заштита на правата на безбедност и хигиенски услови, одлучи симболично да ја одложи академската работа на додипломските студии на универзитетот во среда, 24 октомври 2018, за да се активираат надлежните државни органи за итно и трајно отстранување на трговците со дрога и корисниците на наркотични средства од местата и улиците што се во непосредна близина на универзитетот – пишува во резолуцијата на Ректоратот на Атинскиот универзитет за економија и бизнис.