Вишиот суд во Белград денеска го одби барањето за рехабилитација на претседателот на Владата на окупирана Србија за време на Втората светска војна, генерал Милан Недиќ, кој по ослободувањето е прогласен за воен злосторник.

Судот констатира дека „не се стекнати правни услови за рехабилитација“ на Недиќ.

Генерал Недиќ никогаш формално не бил обвинет или осуден, туку со уредба на југословенските сојузни власти од 1949 година е прогласен за воен злосторник и одземени му се имотот и граѓанските права поради сорабока со окупаторот.

Иницијативата за рехабилитација на Недиќ ја покренаа неговото семејство, Српската либерална партија и Здружението на политички затвореници и жртви на комунистичкиот режим.

Недиќ бил на чело на т.н. Влада на националнао единство од август 1941 до октомври 1944 година, која имала надлежност над територијата на Србија под германска окупација.

Иницијаторите на рехабилитацијата тврдат дека тој не бил одговорен за злосторствата врз Евреите, за формирањето на логорите и за масовните стрелања, како и дека „спасил 350.000 Срби од Независната Држава Хрватска, 50.000 Словенци, како и голем број Срби, кои бегале од Италијанците, Албанците од Косово, Бугарите и Унгарците“.

Владата на Недиќ била распуштена на 4 октомври 1944 година, по што тој и повеќето негови министри заминале за Австрија, каде подоцна бил заробен од британски војници. На 1 јануари 1946 година Британците им го предале Недиќ на југословенските власти. Според официјалната верзија за неговата смрт, тој се самоубил скокајќи од прозорец на затворот на Одделението за заштита на народот (ОЗНА) во Белград.