Оградата ги „пренасочува“ бегалците во рацете на криминалците

Проблемот со мигрантите на Балканот повторно станува главна тема со поставувањето на жичената ограда од Србија кон границата со Македонија

Сместувањето и третманот на мигрантите повторно беше повод за заострување на односите на релацијата меѓу Бања Лука и Сараево. Властите во ентитетот Република Српска остануваат доследни на својот став да нема организирање мигрантски центри на нејзина територија и затоа ќе продолжи со транспортирање на мигрантите до границата со кантон во Босна и Херцеговина. Ова значи дека тие нема да ја почитуваат одлуката на Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон за забрана за превоз на мигранти. Како што е познато, полицијата на Република Српска ги собира сите илегално преминати мигранти, а потоа со организиран превоз тие се пренесуваат до ентитетската линија на Федерацијата БиХ.
– Нашата политика за мигрантите е позната. Ние се обидуваме, преку дојави од граѓаните, да дознаеме каде се движат мигрантите и не сакаме тие слободно да се движат низ Република Српска – изјави Милорад Додик, српскиот член во Претседателството на Федерацијата БиХ.

Состојбата во Унско-санскиот кантон изминативе денови е изразито напната и во него „престојуваат“ околу десет илјади мигранти. Локалното население излезе на улиците и ги запираше автобусите со мигрантите, по што и следуваше одлуката за забрана за движење на автобусите со мигранти од арапските и од азиските земји.
Поставувањето на оградата кон границата со Македонија почнало пред два месеца, во рамките на мерките што Србија ги донесе за време на вонредната состојба. Тие се однесуваа на спречување на ширењето на ковид-19, а особено на ризикот што се јавуваше со неовластеното поминување на мигрантите. Оградата треба да биде поставена на граничната линија долга 147 километри, а засега таа се гради на државно земјиште, додека за приватните парцели и имоти се чека да завршат правните формалности. Медиумите во Србија не ја исклучуваат можноста ваква ограда да биде поставена и на границата кон Бугарија. Прва ваква ограда беше поставена во 2015 година од страната на Унгарија, а потоа и меѓу Словенија и Хрватска.

Претседателот на Општина Прешево, Шчиприм Арифи, за „Танјуг“ изјави дека поставувањето на оградата е дел од договорот со Европската Унија за спречување на евентуалниот бран бегалци од Истокот. Посебен проблем што ќе се јави со оградувањето на граничната линија е што локалното население од двете страни не ќе може да ги користи имотите што се наоѓаат во двете држави. Затоа се разгледува и можноста за отворање граничен премин Моратовац – Лојане, со што ќе им се овозможи на земјоделците да ги обработуваат своите ниви.
– Овие луѓе кога ќе се постави оградата ќе мораат да патуваат повеќе од 50 километри. Двата парламента на Македонија и на Србија кон крајот на 2019 година усвоија закони за отворање на овој граничен премин – изјави Арифи.
Со реакција на оваа вест се јави и Европската Унија, која негира дека учествува во договорот за одобрување на изградбата на жичена ограда на границата меѓу Србија и Македонија. Ана Писонеро, портпаролката на Европската комисија за Радио Слободна Европа изјави дека на партнерите од Западен Балкан им се дава значајна финансиска и техничка помош, кога е во прашање управувањето со миграцијата.

Комисијата за оваа намена за Србија во 2015 година одвои над 100 милиони евра.
– Ова финансирање не ја вклучува изградбата на оградата и не е дел од некаков договор – предупреди Ана Писонеро.
Од ЕУ посочуваат дека мерките што се преземаат за решавање на проблемот со илегалната миграција мора да биде пропорционална и во согласност со почитувањето на основните права, особено со начелото за забрана за протерување.
Невладината организација „Центар за истражување и развој на друштвото ИДЕАС“ изрази загриженост за „оградувањето“ меѓу Србија и Македонија.
– Поставувањето жичени огради доведува до јакнење на ксенофобичниот сентимент во нашето општество и до јакнење на предрасудите за изградба на негативни ставови кон бегалската популација. Ваквата практика предизвикува и последици во вид на тежок облик на кршење на човековите права и насочување на бегалците во рацете на криминалците – стои во реакцијата на ИДЕАС.