Жителите на Обровац стануваат заложници на партиските кланови, а за нивната судбина одлучуваат претседателите на партиските разграноци

Обровац е еден од хрватските градови што се пред исчезнување и одамна стана град во кој владее депресијата. Овој град на реката Зрмања, по војната прво остана без српското население, а денес има проблем со зачувување на демографската слика. Во Обровац пред седум години имало 4.323 жители, а во 2016-та биле регистрирани само 3.778 жители, но проблем е што меѓу нив има многу фиктивни граѓани што бараат да им се врати станот, или да им се одобри пензија, пасош или социјална помош. Така, вистинскиот број на жители изнесува околу 2.500, пишува во репортажата на „Слободна Далмација“, од овој град што е во „замирање“.
Улиците на Обровац се празни, а во прилог на негативниот природен прираст говори податокот дека лани биле родени 23 деца, а починале 68. На локалниот пазар нема луѓе, а продавачите се жалат на малиот промет, пишува во текстот на весникот „Слободна Далмација“.

– Гледаш и самиот што се случува. Нема народ и готово. Стојам тука цел ден, но за кого. Нема никој, а денеска е пазарен ден – изјави една старица, која продава компири, мед за 60 куни и мандарини.

Во градот има сѐ помалку деца што одат во основно училиште, а бројот на основците за десет години, од 2007 до 2017 година, од 401 се сведе на 181 дете.
Иван Матиќ, политиколог и независен жупаниски советник, изјави за „Слободна Далмација“ дека младите се единствена шанса за опстојување на овој град. Меѓутоа, властите се заинтересирани за младите кога ќе наполнат 18 години, кога можат да го дадат својот глас на избори.

– На почетокот градот имаше енергија и живост, но жителите на Обровац стануваат заложници на партиските кланови, а за нивната судбина одлучуваат претседателите на партиските разграноци. Така е разурната хомогеноста на општествената заедница. Видовте, градот е пуст, голем број куќи и згради се пред уривање – вели Матиќ.
Во Обровац единствено што работи е бензинската пумпа. Нема стоковна куќа, слаткарница, кино, големи фирми. Луѓето главно се вработени во државните служби. Во 2013 година Обровац беше на врвот според невработеноста, со 33 отсто невработени лица.

Еден од реките претприемачи во градот е Ѓуро Жупан, кој во ова место гледа туристички потенцијал со организирање рафтинг и авантуристички тури, а неговите иницијативи не можат да бидат соодветно следени од локалната самоуправа.

– Во туристичката заедница се посветени само на броење на ноќевањата. Најголем сојузник им е кога бурата ќе го затвори регионалниот пат и кога во Обровац ќе бидат блокирани патниците. Тогаш, градот одеднаш заживува, но тоа е само два месеца – вели локален сопственик на ресторан.