По петгодишен прекин на разговорите, Грција и Турција го обновија дијалогот за истражувањата на присуство на јаглеводороди во источните води на Егејско Море. Заменикот на турскиот министер за надворешни работи, Сеат Онал, вчера ја примил делегацијата на грчките дипломати во Истанбул, пренесуваат медиумите повикувајќи се на турски владини извори.
Преговорите за истражувањето во источен Медитеран беа прекинати во 2016 година поради зголемувањето на тензиите. Членката на ЕУ, Грција, ја обвинува Турција за експлоатација на природниот гас во морските области, каде што според меѓународното поморско право, ресурсите смее да ги експлоатира само грчката страна.
Според досегашните ставови на Анкара, сите спорни прашања треба да се изнесат на масата, вклучувајќи ги и подморските територии и Ексклузивниот економски појас во Егејско Море, како и демилитаризација на грчките острови што се многу блиску до турскиот брег и разликите во поглед на проширувањето на воздушниот простор. Атина, пак, спротивно, сака да разговара за спорот со истражувањето на јаглеводородите и разграничувањето на континенталниот појас, објави Радио Слободна Европа.