Граѓаните на Петриње се против фрлањето на радиоактивниот отпад од НЕ „Кршко“ во нивната близина

Складирањето на отпадот од нуклеарната електроцентрала „Кршко“ претставува уште еден голем проблем во односите меѓу Хрватска и Словенија. Досега целиот низок и среден радиоактивен отпад од словенечката нуклеарна централа, со годишно количество од околу 30 кубни метри, се складираше на привремената депонија во кругот на самата нуклеарка. Но овој капацитет е целосно искористен, а отпадот некое време се согорува во објекти во Франција и во Шведска, од каде што се враќа како пепел, кој е радиоактивен, но со помал волумен, за што е потребно да се пронајде нов простор за безбедно складирање. Словенците пред неколку години предложиле изградба на заедничка депонија во Врбин во близината на сегашната локација на НЕ „Кршко“, но тоа беше одбиено од хрватската страна, затоа што тоа место е во близината на течението на реката Сава.

Градоначалникот на Петриње, Даринко Думбовиќ, изјави дека за локалната заедница е неприфатливо можната локација за складирање на нуклеарниот отпад да биде на просторот на Трговска Гора, затоа што се наоѓа во еколошко чисто подрачје во сливот на реката Уна.

– Прашањето за фрлањето на нуклеарниот отпад на подрачјето на нашата жупанија е повторно актуелно. Министерот за екологија и енергетика, Томислав Чориќ, го повтори ставот на Владата за складирање на радиоактивниот отпад на споменатата локација, односно во Черкезовац, на подрачјето на Двор. Ова решение за нас е неприфатливо – изјави Думбовиќ во вторникот на прес-конференција.

Против локацијата на Трговска Гора протестираа и претставниците на еколошките организации од Петриње, кои дејствуваат под мотото на „зелените елеци“. Главен проблем е што во иднина еколошките производители на храна од оваа област нема да можат да ги продаваат на пазарот како органско производство. Градоначалникот на Петриње смета дека со изградба на нуклеарна депонија, перцепцијата на граѓаните ќе биде негативна за земјоделските производи од овој крај.

Тој ги повика граѓаните од сите градови и општини во Сисачко-мославската жупанија да им се придружат во борбата против фрлањето на радиоактивниот отпад во нивната близина. Нивната цел е подрачјето на Трговска, Храстовачка и Зринска Гора да станат регионален парк на природата.

Идејата за изградба на една депонија за нуклеарен отпад од власта ја темелат на фактот дека сега во Хрватска радиоактивниот отпад од болниците, институтите и од научните установи, се складира на дваесетина места и во несоодветни услови.