Жители од српска националност од северно Косово започнаа денеска во северна Митровица нов протест против таксата од 100 отсто што ја воведе Владата во Приштина на увозот на производи од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ова е трет протест од воведувањето на таксата, а косовските Срби велат дека ќе продолжат да протестираат се додека Владата на Рамуш Харадинај не ја повлече одлуката.

На денешниот протест, како што јавуваат медиумите, се приклучија и студенти и рудари од Трепча.

Просторот каде што се одржува протестот е исполнет со српски знамиња и транспаренти со пароли во кои се бара, како што се наведува, укинување на дискриминаторските мерки и престанокот на кршењето на човековите и етничките права на Србите во Косово.