Претседателот на Кина, Си Џинпинг, е во тридневна официјална посета на Атина по покана од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во интервју за кинеската телевизија ЦЦТВ во пресрет на посетата порача дека посетата на Си Џинпинг на Атина означува нов период во односите меѓу двете земји.

Според програмата, кинескиот претседател ќе биде примен од неговиот грчки колега, а ќе има средба и со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис.
Си и Мицотакис ќе го посетат пристаништето Пиреја, најголемото грчко пристаниште во сопственост на кинескиот пристаништен оператор „Коско“. Тоа е најголемата кинеска инвестиција во Грција и „Коско“ неодамна го започна новиот инвестициски план што вклучува изградба на нов карго-терминал.

Си, исто така, ќе присуствува на отворањето на првата филијала на Кинеската банка во Грција.
Двете земји ќе потпишат низа договори за економска соработка, како и договор за екстрадиција.