Четирите држави на „Вишеградската група“ Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, како и Австрија, упатија нов нон-пејпер кој се однесува за Западен Балкан, на раководството на Европската Унија.

Повикувајќи се на дипломатски извори, сараевскиот портал Кликс објави дека тој документ не се однесува за прашањето за границите, туку бара од Европската Унија поголема поддршка за целиот Западен Балкан.

Министрите за надворешни работи на тие држава бараат земјите од Западен Балкан да бидат вклучени во официјалните разговори за иднината на Европската унија, бидејќи по нивно мислење, имаат право, а и треба да имаат можност да ги кажат своите ставови за иднината на Европската унија, со обѕир на перспективата за нивно членство.

– Многу прецизно е наведено дека Западен Балкан треба да биде дел од иницијативата за Конференција за иднината на ЕУ, која е започната во рамките на овој блок – се наведува во текстот.

Министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ ја потврди информацијата за нон-пејперот велејќи дека е запознаена со содржините кои ги смета за исклучително значајни.

– Официјално сме запознати и ме радува овој пристап. БиХ, како и останатите држави во регионот, имаат јасна перспектива за членството – вели Турковиќ.

Таа додаде дека „БиХ суштински отсекогаш е дел од Европа“, а сега е „во процес на достигнување на напредни европски стандарди во функционирање и зајакнување на државата“.

Иницијативата на групата на држави треба, како што е најавено, да биде упатена кон раководството на ЕУ, вклучувајќи ја и Европската комисија и комесарот за проширување Оливер Вархељи.