Националниот стадион „Васил Левски“ во центарот на Софија им пречи на жителите на главниот град, а државата би изградила нов доколку фудбалерите имаат резултати во европските натпреварувања, изјави премиерот на Бугарија Бојко Борисов.

– На секој натпревар се блокира Софија, а натпревари има речиси секоја недела. Каква е користа на ова место да има национален стадион? Може да се изгради нов стадион, а овој да се користи за друго. Колку луѓе имаше на последниот натпревар на националниот стадион? Двесте, а два милиони жители не можат да поминат покрај него, што не е во ред – изјави Борисов.

Тој напомена дека државата би можела да одвои пари за нов спортски објект, но само ако фудбалската репрезентација на Бугарија настапи добро во квалификациите на Европскиот шампионат.

– Ако се направи така ќе има десетици илјади луѓе што ќе сакаат да гледаат фудбал. Тука спортските новинари може малку да помогнат. Да отвориме една дискусија дали на ова место е потребен национален стадион – рече тој.

Како пример за таква промена тој го посочи Минхен, градот што го пресели стадионот каде што нема метеж и до него може да се стигне со метро.

Меѓу коментарите на текстот објавен во „Стандард“ беше и објавата на еден читател што се противи на изградба на нов национален стадион во Софија, кој би чинел 100 милиони долари. Единствената „корист“ од тоа би била да се импресионираат спортистите со великодушноста на премиерот, напишал анонимниот читател.