Нов земјотрес со епицентар во Албанија е регистриран вчераутро, соопшти сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Епицентарот на земјотресот е на 160 километри југозападно од Скопје. Потресот бил во 9 часот и 26 минути со локална Рихтерова магнитуда 4,3. Земјотресот е почувствуван во Кичево, Охрид, Битола и во Скопје.

Албанија на 26 ноември беше погодена од силен земјотрес, кој однесе 52 жртви, а над две илјади луѓе се повредени.

Амбасадорот на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца, најави помош од Европската Унија за обновата на градовите погодени од катастрофалниот земјотрес.

– Солидарноста ја покажаа нашите европски пријатели. Албанците се силен народ, ние ќе останеме со вас. Има илјадници луѓе што не се во можност да се вратат во своите домови. ЕУ и нејзините земји-членки обезбедија помош затоа што Албанија не само што е географски блиска, туку е и блиску до нашите срца – изјави Сореца.