На период од една година, односно до крајот на 2021 година се одложуваат испораките на гас за Италија преку Трансанадолискиот гасовод (ТАП), иако е изградено 96 отсто од вкупната должина на гасоводот. Инвеститорот е загрижен дека на патот од Касписко Море до Европа испораката на гасот ќе се соочи со тешкотии. Првата испорака на гас преку ТАП за Италија беше планирана за наесен 2020 година.
Компанијата за испорака на гас побара од италијанскиот регулатор да одобри отстапување од некои договорени услови. Претседателот на гасоводот ТАП, Вугар Вејсалов, посочи на некои проблеми што се надвор од рамките на контролата: строгите барања на регулаторот за прашањето на безбедноста, прекинувањето на изградбата поради судски тужби, како и последиците од епидемијата.

Италијанскиот регулатор АРЕРА соопшти дека главната причина за барањето одложување е пандемијата со коронавирусот. Ова е трето продолжување на роковите за завршување на овој гасовод, долг 878 километри, кој се протега од Турција до Италија, преку грчката територија. Тој е дел од ТАНАП, односно од европскиот „Јужен гасоводен коридор“, а низ него ќе поминува гасот од Азербејџан, од наоѓалиштето Шах Дениз во Касписко Море. ТАП ќе има капацитет од 15 милијарди кубни метри гас годишно. Освен Италија, гасот ќе го користат и Грција и Бугарија. „Јужниот гасоводен коридор“ е европски проект со кој се настојува да се намали зависноста на Европа од рускиот гас.