Покрај европската „тројка“ – Германија, Франција и Холандија, која би требало да се вклучи во дијалогот меѓу Белград и Приштина, и САД чекаат погоден момент да се придружат кон овој процес, со ангажирање на свој претставник кој би бил задолжен за разговорите на највисоко ниво – тврди белградскиот весник „Вечерње новости“.

Весникот, повикувајќи се на свои извори, наведува дека САД во дијалогот би биле претставени на ниво на советник, а за да го сторат тоа ќе тврдат дека сегашната посредничка во дијалогот, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, не „покажала задоволувачки резултати“.

– Затоа не е исклучено дека прашањето што сега е покренато во ЕУ околу траспарентноста на дијалогот и неговата бавност, всушност да е поттикнато од другата страна на океанот – наведува весникот.

Според „Новости“, американскиот претставник во дијалогот не би имал статус на посредник, бидејќи за промена на форматот на разговорите потреба е согласност и од Белград и од Приштина, а во таков случај српската страна би можела да побара вклучување и на руски претставник.

– Американците никогаш не стоеја далеку од дијалогот. Високи американски дипломати и претходно имаа состаноци во Амбасадата на САД во Брисел со одделни учесници во преговарачкиот процес, но сфатија дека таквата „популарност“ не им е во полза, па сега тоа го прават подискретно – вели за „Новости“ дипломатски претставник од седиштето на ЕУ.

Како доказ за ваквото свое тврдење тој посочува дека секогаш кога дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе се водел на високо ниво, во Брисел „по правило престојувал висок претставник на американската администрација“.