Продолжувањето на здравствената криза ја продолжува и економската неизвесност на компаниите од приватниот сектор

Земјите од Балканот ги продолжија мерките за директна финансиска помош при исплата на минималната плата и на другите социјални трансфери, но од меѓународните финансиски организации предупредуваат да се направи баланс во државното субвенционирање на фирмите со буџетските и фискалните можности на секоја држава

Продолжувањето на здравствената криза во текот на летото ги принуди владите во земјите од регионот да донесат дополнителни мерки за санирање на економските штети со кои се соочуваат домашните компании и граѓаните. Продолжувањето на државната помош се однесува на месеците август и септември. Но според најавите од носителите на извршната власт, тоа ќе претставува и последната рата од државното субвенционирање на платите за вработените во секторите што се најпогодени од корона-кризата. Потоа ќе следува неизвесен период во кој приватните компании и граѓаните ќе мора да се приспособуваат на новонастанатите пазарни услови. Како што предупредуваат од меѓународните финансиски организации, неразвиените земји, во кои се и земјите од Западен Балкан, веќе се наоѓаат на границата од презадолженост, а секое дополнително посегање во државните каси може да ги стави во нова и подлабока должничко-финансиска криза.

Владата на Словенија ја продолжи важноста на субвенциите за плати, а се очекува околу 24.000 работници да добијат дополнителен приход на таа основа во август. Повеќе од 24.000 работници постојано чекаат работа, затоа што во некои индустрии нема закрепнување или не е доволно силно за работодавците да можат целосно да ги вработат работниците, најави министерот за труд, семејство и социјална политика Јанез Циглер.
Според првите два антикризни пакет закони, повеќе од 275.000 вработени во Словенија биле на листата за субвенционирање до крајот на мај, а според третиот, вклучени се скоро 65.000 вработени. До 10 јули, Службата за вработување исплатила 242,5 милиони евра обесштетување за работниците што привремено чекале за работа поради виша сила, соопштија од Владата.

Повеќе од милион вработени во микро, мали и средни претпријатија ќе добијат државна помош, во август и септември, најави српскиот министер за финансии Синиша Мали. Првата уплата од 18.000 динари, односно 155 евра, ќе им биде исплатена до 10 август, а потоа ќе следува и септемвриската рата.
– Претходните три месеци се исплатени три минимални плати за над милион вработени во 235.000 стопански субјекти. Во следните два месеца ќе бидат исплатени 60 отсто од минималната плата. За еден месец ќе биде одложено и плаќањето даноци и придонеси на платите – изјави министерот Мали.
Досегашниот пакет за помош на домашната економија исплатен од државната каса изнесува 5,1 милијарди евра, а дополнителните буџетски трансфери за стопанството ќе чинат околу 66 милијарди динари. Вкупното учество на финансиската помош од Владата на Србија изнесува околу 12,2 отсто од домашниот БДП.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави и почнување нов проект „Мојата прва плата“. Со оваа мерка државата за период од девет месеци ќе им исплаќа плата на фирмите во висина од 20.000 динари, кои ќе вработат еден работник со средно училиште, а 24.000 за лицата со факултетска диплома. Притоа се најавува и зголемување на пензиите и на платите во јавниот сектор, а исто така ќе биде продолжен и мораториумот за исплата на кредитите за уште два месеца.
Со трет пакет економски мерки во висина од 1,22 милијарда евра за поддршка на граѓаните и економијата, деновиве, излезе и Владата на Црна Гора. Премиерот Душко Марковиќ рече дека новите мерки ќе бидат реализирани во период од четири години и нема да ја загрозат стабилноста на финансискиот систем, пренесе агенцијата „Анадолија“.

– Целта на краткорочните мерки е да се обезбеди поддршка за туризмот со 83 милиони евра, а предвидени се средства и за потикнување на земјоделството, за унапредување на конкурентноста на фирмите преку кредити и неповратни средства – изјави Марковиќ.
Државната помош опфаќа субвенционирање на платите и за социјални исплати за најзагрозените категорија на граѓани. Долгорочните мерки се наменети за развој на информациската технологија со тенденција овој сектор да прерасне во ИТ-индустрија, како и за развојот на туризмот како стратегиска стопанска гранка на Црна Гора.
Поради вакуумот што настана поради парламентарните избори и периодот за формирање на новата влада, засега е неизвесно дали ќе има продолжување на државната помош за македонското стопанство, кое се соочува со директните последици од продолжувањето на здравствената криза во земјата. Мерките што беа предвидени во претходно донесените три пакети, главно се со важност од три месеци од појавувањето на кризата.

Од вчера заврши грејс-периодот за наплата на неплатените сметки и долгови што граѓаните и компаниите ги имаат кон разни фирми и доверители. Извршителите продолжуваат со своите активности, откако истече важноста на уредбата со која беше предвидено 30 дена по престанувањето на вонредната состојба да продолжи целосната примена на Законот за извршување. Според официјалните податоци до март биле блокирани повеќе од 106.000 сметки, од што 26.000 биле на правни лица, а 80.000 на граѓани. Од бизнис-заедницата и од стопанските комори предупредуваат дека ликвидноста на компаниите е намалена. Најизложени од продолжувањето на корона-кризата се малите и средни претпријатија, кои се соочуваат со големи штети и загуби. Без нови мерки од државата за бизнисот и граѓаните ситуацијата ќе биде многу лоша, предупредуваат од фирмите од приватниот сектор.

Сите земји од Западен Балкан ги воведоа потребните мерки за ублажување на непосредното влијание на кризата, но нивната ефикасност зависи и од степенот до кој тие се приспособени на условите за стопанисување на глобалниот пазар. Кај недоволно развиените земји расте потребата за поголемо задолжување, но поради зголемениот фискален дефицит и јавен долг, на земјите од регионот им се намалува достапноста на свеж капитал на меѓународните финансиски пазари. Поради пандемијата на коронавирусот, земјите од Западен Балкан сѐ повеќе се задолжуваат. По борбата против директното влијание на кризата, земјите ќе треба да постигнат баланс помеѓу поддршката на економското закрепнување и фискалната одржливост, се вели во најновиот извештај на Светската банка.
По периодот на справување со непосредното влијание на кризата, мерките од фискална политика ќе треба да постигнат деликатен баланс помеѓу поддршката на економското закрепнување и грижа за фискална одржливост, предупредуваат од СБ.