Во Србија се потврдени нови седум случаи на коронавирус, така што бројот на заразени порасна на 12, соопшти утрово Министерството за здравство на Србија.

Од последниот извештај, синоќа во 18 часот, до утрово во 8 часот, тестирани се примероци на 13 лица, од кои седум биле позитивни и шест негативни на коронавирус. До денеска во 8 часот во националната референтна лабораторија на Институтот Торлак тестирани се вкупно 130 лица, кои ги исполнувале критериумите за дефиниција на случаите.

Од новите седум случаи, пет се поврзани со две женски лица, за кои вчера беше утврдено дека се позитивни по директен контакт со државјанка на странска земја, која неодамна престојувала во Србија, а за која е утврдено дека е позитивна на Ковид-19, по враќањето во нејзината држава. Српските медиуми пренесуваат дека вирусот дошол во Србија од Германија, Швајцарија и Италија.

Српското министерство за здравство апелира до граѓаните и ги потсетува, на значењето од личната одговорност во вакви ситуации, бидејќи со овие примери се потврдува дека поединци глатко ги сфатиле предупредувањата и препораките на експертите, дека кога ќе им се јават симптоми да не одат во затворени простории и меѓу луѓе.

Во 11 часот е најавен состанок на државниот врв на Србија со претставници на надлежните служби за борба против коронавирусот.