Словенија

Епидемиолошката состојба со бројот на хоспитализирани пациенти заболени од коронавирус на одделите за интензивна нега е загрижувачка, а бројот на нови пациенти во наредните денови може да се зголеми во болниците, кои имаат ограничени кадровски и материјални капацитети, предупреди Матјаж Јереб, раководителот на одделот за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести во Универзитетскиот медицински центар. Словенечкиот премиер Јанез Јанша вчера призна дека е загрижен за функционирањето на здравствениот систем доколку продолжи сегашниот тренд на хоспитализации поради ковид-19. Тој додаде дека неговата влада прави сè што е можно за да се спречи здравствениот систем да се „затвори“ во актуелниот втор бран за другите пациенти на кои им е потребна помош.

– Главниот проблем не е во финансиските ресурси, додавајќи дека Владата веќе издвои дополнителни 210 милиони евра за здравствена заштита оваа година и се обидува да ги реорганизира болниците, кои сега, за разлика од средината на март, имаат доволно заштитна опрема и респиратори. Главниот проблем, како што посочува, е недостигот од медицински персонал и стручен кадар потребен за здравствена заштита, како и домови за стари лица. Во последните неколку месеци, неколку стотици експерти, лекари и медицински сестри ја напуштија Словенија и заминаа во Австрија и во други земји – рече словенечкиот премиер.
Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 88 новозаболени од коронавирус. Од почетокот на епидемијата во Словенија се потврдени 4.558 инфекции, а досега починале 142 лица.