Србија

Здравствените власти во Србија се соочија со нови заболени лица во старечките домови во Ниш. Во приватниот дом за стари лица „Ескулап“, каде што во изминатите неколку дена беше потврден коронавирус кај двајца вработени, болеста е потврдена кај 30 корисници и тројца вработени. Заболените се пренесени во Клиничкиот центар во Ниш, каде што изминатите два дена се хоспитализирани 151 корисник на Геронтолошкиот центар во Ниш.

И покрај договорот меѓу патријархот Иринеј и претседателот на Србија Александар Вучиќ за почитување на препораките на епидемиолозите за избегнување собири на луѓето за време на велигденските празници, вчера во некои верски објекти во Белград се собираа верници на литургии.
Храмовите во Србија, сепак, ќе останат празни в недела, по повод православниот Велигден, објавија медиумите во Србија.

– Молбите на претседателот, како и нивното слушање, беа само игра, затоа што сè беше договорено – вели социологот Дарио Хајриќ за телевизијата Н1. Според него, симбиозата меѓу властите и црквата, во која државата финансиски ја помага црквата, а за возврат добива благослов, толку е силна што не може да се наруши дури и во вонредни околности.

– Убаво е да дојдеш во црква за време на големи празник, но ова е исклучителен момент во нашите животи и може на Господ да му се молиме и во нашите домови – вели поглаварот на СПЦ Иринеј, кој му препорача на народот да го прифати она што го велат луѓето од струката и да се придржува до тие упатства.