Лидерите од трите коалиции кои освоија мнозинство на изборите во Црна Гора денеска потпишаа постизборен договор, ветувајќи дека новата влада нема да покрене иницијативи или процедури насочени кон промена на црногорските државни симболи или промена во целите на надворешната политика на земјата.

– Ова е направено во интерес на сите граѓани на Црна Гора, без оглед на вера, нација, политичка припадност… Ние сакаме да ги почитуваме сите права на граѓаните, а особено основните – нивната слобода – рече Здравко Кривокапиќ, лидер на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, во која се обедините просрпските партии во Црна Гора и која има поддршка од Српската православна црква.

Лидерот на коалицијата „Мирот е наша нација“, Алекса Бечиќ, нарекувајќи го договорот историски, рече дека ова е најдобриот одговор на сите обиди за подметнувања, манипулација, создавање тензии и поделби, за да се потврди дека новата демократска влада ќе биде проевропска, прозападна, процрногорска и граѓанска“.

– Владата ќе биде подготвена да им служи исклучиво на Црна Гора и нејзините граѓани. Нема промена, само зајакнување на надворешно-политичкиот пат на Црна Гора – рече Бечиќ.

Дритан Абазовиќ од коалицијата „Црно на бело“ смета дека експертската влада, која ќе ја формираат овие три коалиции, ќе има поддршка од меѓународната заедница и ќе треба да се справи со тешката економска состојба во Црна Гора.

Инаку во договорот се вели дека новата демократска влада целосно ќе ги деполитизира клучните владини институции со цел да обезбеди бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Исто така, владата се обврзува дека ќе го почитува Уставот и во овој поглед нема да покрева никакви иницијативи или постапки со цел промена на државното знаме, грб и химна.

Коалициите во Договорот се обврзале и да не покренат постапка за повлекување на признавањето на независноста на Косово.