МИНИСТЕРСКИ СОВЕТ НА ЕУ

­Министрите на ЕУ во Луксембург неделава се очекува да разговараат за процесот на стабилизација и асоцијација со партнерите од Западен Балкан. Истовремено, според најавите, треба и да се одржат меѓувладини конференции со Србија и со Црна Гора, и тоа како дел од новата методологија за проширување, бидејќи нема да бидат отворени нови поглавја во разговорите.

Како што пренесува РСЕ, дипломатските претставници на ЕУ објаснуваат дека повеќето членки на ЕУ се спротивставуваат на отворање нови поглавја во разговорите за членство со Србија, велејќи дека властите во Белград не успеале да ги спроведат очекуваните реформи, пред сѐ во областите на владеење на правото, антикорупција, судска независност и слобода на изразување. Се додава дека министрите и лидерите на ЕУ сега немаат пред себе усвојување на вообичаениот полугодишен нов „пакет за проширување“ и затоа нивната дискусија ќе биде насочена кон тоа „како ќе се примени новата методологија за проширување во преговорите со Србија и со Црна Гора“.

Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ изјави дека Белград не е изненаден од одлуката на ЕУ да не отвора поглавја или „кластери“ во преговорите со Србија. Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ, осврнувајќи се на фактот дека нема да се отвори ново поглавје во преговорите на ЕУ со Србија, даде до знаење дека „сѐ што побараа од ЕУ е сторено“.

Извор во Брисел за РСЕ потврди дека анализата на Процесот за стабилизација и асоцијација, на која се потпишани договори на ЕУ со шест партнери на Западен Балкан, исто така, ќе биде вметната во новата методологија за проширување и исто така ќе воведе дебата за подобро „политичко управување“.