Новата грчка влада положи заклетва на церемонијата во претседателската палата во Атина, откако новоизбраниот грчки премиер Киријакос Мицотакис го доби мандатот за формирање влада, пренесе грчкиот весник „Катимерини“.

Новите министри се обврзаа напорно да работат на исполнување на ветувањата на нивната партија Нова демократија, без одложување.

– Ниту еден ден одмор. Денеска е почетокот на напорната работа – изјави Адонис Гордијадис, кој го презема новоименуваното Mинистерство за развој и инвестиции.

Новиот министер за животна средина, Костас Хацидакис, вети „умереност и брзина за ефективна политика“.

– Ветуваме дека ќе ги вложиме сите можни напори за да се соочиме со многуте предизвици кои ни претстојат – изјави новата заменичка во Mинистерството за образование, Софија Закараки.

Новиот кабинет на Киријакос Мицотакис би требало да ја одржи својата прва седница утре во 11 часот.

Партијата Нова демократија на Киријакос Мицотакси победи на изборите, освојувајќи 158 пратенички места, односно 72 мандати повеќе во однос на сега веќе опозициската Сириза на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.