Размената на територии меѓу Косово и Србија е реална опција ако истраат на тоа локалните лидери, а дозволат големите сили, но тоа на долги патеки би бил чекор кон нови поделби и создавање на Голема Албанија, оценува во интервју за „Дојче веле“ (ДВ) Милан Нич, експерт од Германското друштво за надворешна политика.

Запрашан дали размената на територии е реална опција, Нич вели дека „да, ако локалните лидери се подготвени да истраат во тоа, а истото го дозволат клучните надворешни играчи, големите сили и дипломатски сили”.

Сепак, тој изрази загриженост дека ова нема да биде крај на приказната.

– Илузорно е да се мисли дека може да имате многу мала контролирана размена на територија. Разбирливо е зошто ова е атрактивна идеја кога станува збор за ова мало парче од Балканот – ако зборуваме за северно Косово и Прешево – но, тоа тука нема да запре. Тоа е чекор назад кон нова поделба, која нема да застане во Митровица. Таа ќе започне во Митровица, а утре ќе има голема поделба во Босна и можеби во Македонија. Исто така, ја слушам загриженоста за паралелните аранжмани на Приштина и Тирана: со други зборови, на долг рок таа размена на територии по етнички принцип се смета за чекор кон Голема Албанија – вели тој.

Запрашан дали Германија ја омекна својата позиција за границите на Балканот, Нич рече дека позицијата на Берлин е многу јасна и дека тој не гледа „никаква промена или промена на германската позиција”.

Според него, еден од играчите кои ги менуваат ставовите е „дефинитивно Вашингтон”.

Тој, исто така, рече дека за српската страна, размената на територии од 1999 година беше опција која некои ја одобруваа, а сега, како што додаде, „на претседателот Вучиќ му треба нешто за домашната јавност ако го признае Косово, а тоа значи дека сака некоја територија”.