Корупцијата во земјите во Западен Балкан продолжува да претставува сериозен проблем, а за нејзино спречување е потребно да постои политичка волја. Сите истражувања на реномирани меѓународни организации искажуваат негативни или ниски оцени за посветеноста на националните влади во донесувањето политики против корупцијата во високите структури на власта. Како најкритични области што се изложени на корупција се посочени судството, обвинителството и пратениците. Радио Слободна Европа објави графикон за (не)успешноста на земјите од Западен Балкан во спречувањето на високата корупција. Процентот на исполнување на препораките на ГРЕКО е различен во сите земји, но сѐ уште останува голем процент за неспроведување или делумно спроведување. Според овие параметри, најслабо стојат Босна и Херцеговина и Црна Гора, а по нив е Хрватска, која долги години е членка на Европската Унија! Гледано за секоја земја поединечно, најмалку реформи во делот на судството има спроведено во Црна Гора, БиХ и Албанија, а Македонија, Хрватска и Србија се најслаби во реформите за оневозможување на корупцијата кај пратениците.
Македонија минатата година бележеше пад на светската листа и беше ставена во групата земји со висока перцепција за корупцијата.

Македонската влада се обиде да го поправи впечатокот во јавноста за зајакнување на борбата против корупцијата, а во меѓувреме беа донесени пресуди против високи функционери што беа обвинети за нелегалното прислушување. Деновиве беа најавени и донесување нови мерки за ограничување на сумата за службен ручек за државните функционери, воведување на обврската за поднесување анкетни листови и изјави за судир на интереси, односно за сопственичка структура, акции и удели во трговски друштва на службени лица вработени во јавниот сектор со посебни овластувања – инспекторите, царинските службеници и сите раководни административни службеници. Љупчо Николовски, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, посочи дека во анализите на сите ревизорски извештаи е констатирано дека нема унифицираност во делот на трошењата што ги имаат функционерите, за репрезентација, угостителски услуги.

– Илјадници евра месечно беа трошени од министрите од претходната гарнитура на Владата, десет години. Тоа е документирано со кривични пријави и со многу информации. Илјадници евра се извлекувале како кеш, се купуваа костуми, кравати, се правеа забави и што уште не. Расипнички се трошеа парите на граѓаните. Сега тоа го нема. Оваа одлука предвидува точни износи на суми, до 1.500 денари може да потроши министер по човек за работен состанок, до 1.300 денари заменик-министер, до 1.000 денари директор – изјави Николовски.
Граѓаните на Србија корупцијата ја гледаат како еден од трите најголеми проблеми во земјата, покрај ниските плати и невработеноста. Корупцијата има големо негативно влијание во политиката и економијата, а само една петтина од граѓаните го гледаат влијанието на коруптивното однесување во општеството врз нивното лично или семејно опкружување.
– Граѓаните велат дека за последните три години имало незабележително придвижување напред во решавањето на корупцијата во Србија. Повеќе од половината граѓани сметаат дека корупцијата е широкораспространета. Мнозинството од нив смета дека пријавувањето на коруптивните постапки нема да помогне – изјави Шенли Пинчоти, директорка на Канцеларијата за демократски и економски развој на УСАИД, за спроведеното истражување за перцепцијата на српските граѓани за борбата против корупцијата во земјата.

Иво Чоловиќ, програмски директор на невладината организација „ЦеСиД“, вели дека граѓаните не веруваат во институциите што се задолжени за спречување на корупцијата, а како најкорумпирани институции ги посочуваат оние во здравството, инспекцијата и судовите.
Лидија Прокиќ, регионална координаторка за Источна и Југоисточна Европа од Транспаренси, вели дека генералната оцена за Србија (и другите земји од Западен Балкан) е што се присутни фундаментални слабости во владеењето на правото.
– Независноста на судството е важно прашање.Одлуките во врска со прашањата од јавно значење се донесуваат без консултации со јавноста – вели Прокиќ за „Гласот на Америка“.
Босна и Херцеговина и Црна Гора се исто така посочени како земји во кои постои висок степен на корупција. Многу од случаите во овие земји остануваат непроцесирани пред судовите, а донесените пресуди се премали и сето тоа влијае на високото ниво на недоверба во институциите.