Хектар земјоделско земјиште во Србија е двапати поскапо од соседните земји и се движи од десет до 20 илјади евра, а се очекува цената да продолжи да расте. Во некои делови од земјата и цената за наем на земјиштето драстично се зголемила. Мирослав Киш, претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, истакнува дека земјиштето од иста категорија во Романија, Унгарија или во Хрватска, може да се откупи за 50 отсто пониска цена. Ваквата состојба во Србија принуди многу земјоделци да се откажат од намерата да го прошират својот посед.

– Вредноста на хектар земјиште достигнува до 20.000 евра. За плацевите што не се до асфалтен пат или за населби каде што нема ни струја, се плаќаат од 12 до 15 илјади евра. Кога ќе се земе предвид приходот по единица површина, инвестицијата во купување на земјиштето нема да се исплати ни за 20 до 50 години – вели Киш, во разговор за „Новости“.

Цената на земјоделското земјиште во Србија ја диктира зголемената побарувачка од многу стопанственици што имаат вишок капитал, а кои претходно повеќе го насочуваа во други недвижности. Сега, купувањето нива се смета за подобра инвестиција од купување станови, злато или да се штеди во банка, затоа што очекуваат ова земјиште да биде многу поскапо.

Мирослав Киш, како голем проблем го наведува и тоа што не е јасно дефинирано кој е земјоделец, дали тоа е и сопственикот или оној што се занимава со земјоделско производство. Во Србија, секој што ќе се регистрира со повеќе површина од половина хектар се смета за земјоделец, иако тој може да извршува и друга професија. Во Србија се регистрирани 600 илјади земјоделски стопанства.