Во изборните програми на македонските партии постојат заеднички допирни точки што се однесуваат на билатералната и мултилатералната соработка на државите на Балканот, односно како ќе формираат партиите власт што драстично ќе ги подобри односите со соседите и во регионот на Балканот, ако добијат мнозинство на претстојните избори. Сепак, во партиските програми за споменатата цел, има и разлики во пристапот на остварување на овие намери

Изборите во Македонија открија различни партиски пристапи за соработка на државите во регионов

Грижата за македонското малцинство во соседните земји и во регионот е една од точките во програмите на политичките партии што учествуваат со свои листи за избор на пратеници на претстојните избори во Македонија. Негувањето на добрососедството преку потикнување на политичката и економската соработка меѓу земјите од регионот, треба да се одвива паралелно и со почитувањето на малцинските и човековите права на Македонците што живеат во земјите од нашето поблиско опкружување. Долгорочната стабилност и економскиот прогрес на Балканот преку добрите билатерални односи се во фокусот, но не треба да бидат игнорирани или заборавени правата на Македонците надвор од својата матична држава, кои секако треба да го имаат правото на негување на сопствениот идентитет, култура и традиција.

Генерално, тоа се пораките што сакаат да ги испратат политичките партии за прашањата што се однесуваат на водење на регионалната политика.

„Од изолација до интеграција“ е мотото на СДСМ за регионалната политика

Во изборните програми на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ има посветено посебни делови за регионалната соработка и за грижата на македонската дијаспора, како и за заштита на правата на Македонците во соседните земји. Тоа во што се разликуваат програмите на овие две партии се појдовните основи од кои ќе ги спроведуваат идните политики кон соседите и земјите од регионот. СДСМ го истакнува моментот во кој Македонија го измина патот „од изолација до интеграција“, додека ВМРО-ДПМНЕ се залага за „интегрирана и почитувана земја“.
Нашата земја денес е единствената држава на Западниот Балкан, која нема отворени прашања со ниеден од своите соседи, е главното тежиште на кое СДСМ ќе ја гради идната четиригодишна соработка со земјите од регионот. Нивната нишка водилка во програмата е дека „државата, која беше меѓународно и регионално изолирана, стана држава фактор на стабилност и просперитет во регионот“. Во оваа партија ја истакнуваат важноста од спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција и договорот за добрососедство со Република Бугарија, што „ги отвори широко вратите за нашето членство во НАТО и Европската Унија“. Со остварувањето на повеќедецениската стратегиска цел, членство во НАТО, се „создава мир, стабилност, сигурна иднина“. Македонија станува предводник во регионот, која ја врати позитивната клима на соработка, доверба и почитување меѓу државите во регионот, пишува во делот на програмата на СДСМ означен како „Соседи пријатели“.

Преспанскиот договор во изборната програма на СДСМ, претставува основата на која ќе се гради добрососедската политика. Затоа, ќе ја поведат иницијативата за регионален центар за дијалог – Преспа форум, на кој ќе се решаваат билатералните прашања, но и форум од каде што ќе произлезат нови иницијативи за регионална соработка, прекуграничната соработка. Се планира центарот да биде лоциран блиску до граница со Грција и ќе се финансира преку Европската Унија. Реализацијата на овој проект ќе почне во втората половина на 2022 година. Секоја година ќе бидат канети регионалните лидери на 17 јуни да им се обратат на младите од регионот во Преспа, местото што стана симбол на добрососедство и соработка, наведуваат во СДСМ.
Партијата на социјалдемократите во наредниот четиригодишен период ќе ја поттикнува и регионалната економска соработка, преку повеќегодишниот акциски план за регионалната економска област, што опфаќа серија мерки од клучните области: трговија, инвестиции, дигитализација, мобилност на стручни кадри низ регионот.

„Интегрирана и почитувана земја“ е есенцијата на програмата на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ во својата програма „Обнова 2020“ насоките за регионална политика ги потпира на принципите за „интегрирана и почитувана земја“. Надворешната политика ќе се потпира на начелата на силна регионална соработка, активна мултилатерална соработка, добрососедски односи и почитување на меѓународното право. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира формирање научна институција за проучување на ризиците, обврските, предностите и слабостите и последиците од Преспанскиот и договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. „Сметаме дека преку научен пристап и изработка на научно поткрепени анализи, државниот врв во Македонија ќе може во иднина да дејствува подготвено во насока на ублажување и неутрализирање на негативните страни од договори, кои имаат големо влијание на целокупниот живот на македонскиот народ“, се наведува во изборната програма „Обнова 2020“.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе биде доследен поддржувач на регионалните иницијативи. Како примарен проект ќе им биде грижа и промоција на македонскиот јазик во Европа, преку признавање на официјален јазик во ЕУ. Македонија ќе почне со пет билатерални иницијативи со сите пет соседни држави. Иницијативите ќе бидат поткрепени со посебни мерки за градење доверба со секоја од државите. Балканот има недостиг од меѓусебна доверба, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ и затоа таа ќе го искористи знаењето од иницијативата за градење доверба со Република Грција во претходниот мандат.

ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира и создавање заедничка балканска енергетска политика во партнерство со ЕУ и соНАТО, како и заеднички центар за справување со кризи на сите балкански држави. Македонија ќе има и проактивен пристап во изградба на мирот на Балканот, со директно вклучување во решавањето на проблемите во регионот. ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага за тоа Балканот да се извлече од „хибридното дејствување на трети земји во регионот“ и за спречување „увезени конфликти“ од други региони. Оваа партија ќе ги користи и алатките на јавна, економска и културна дипломатија, во промоција на политичките интереси, привлекување странски инвестиции и презентирањето на културно-историското наследство и традиции.

Глас за Македонија со конкретни и целесообразни предлози

Партијата Глас за Македонија во предизборната кампања настапува со ставот дека Република Македонија треба да биде матица на сите Македонци по однос на јазик, историја и народност.
– Таа треба да биде јадрото околу кое треба да бидат сплотени сите Македонци за зацврстување и градење посилен македонски идентитет. Тие можат да бидат соодветни чесни граѓани на земјите во кои живеат, но по својата етничка припадност. Тие се дел од целиот македонски народ. Развивање на пограничната соработка, исто така, зајакнување на врските во рамките на образованието и литературата на македонски јазик, отворање библиотеки, изучување на македонскиот литературен јазик, македонската историја, но и голем акцент ќе ставиме кон насочување на економско зајакнување и соработка – ни изјави Наташа Котлар-Трајкова, носителка на листа во ИЕ5 за Глас за Македонија и координаторка за националните интереси и македонскиот јазик во партијата.

Левица поаѓа од начелото на интернационализам и меѓународна солидарност

Во својата изборна програма, во делот за надворешни работи, Левица поаѓа од начелото на интернационализам и меѓународна солидарност, а против империјализмот и великодржавниот агресивен национализам на соседите. Градење добрососедски и пријателски односи со соседните земји, особено со земјите од југословенскиот простор, го гледаме преку зголемување на политичко-економските врски и воведување еднопунктни гранични премини.
Во поглед на тешката положба на нашите национални малцинства, кои се без признаен статус, особено во Грција и во Бугарија како земји-членки на ЕУ, Левица – во билатералните односи – ќе бара почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на регистрирањето здруженија на Македонците за заштита на нивната културна особеност.

Потребно е Македонците во Егејска и во Пиринска Македонија да имаат право да се школуваат или барем да го изучуваат мајчиниот македонски јазик во училиштата каде што живеат мнозинството етнички Македонци, во согласност со меѓународните стандарди и европските конвенции за заштита на малцинските јазици, вели Димитар Апасиев, лидерот на Левица.
Во однос, пак, на нашинците во Албанија – цениме дека треба да важи принципот на реципроцитет: она што го уживаат Албанците во Македонија, да го уживаат и Македонците во Албанија, истакнуваат од Левица.
За оваа тема изјава побаравме и од претседателот на Интегра Љупчо Ристевски, кој не беше во можност даде свои мислење, поради учество на телевизиски предизборни емисии.
Весникот „Нова Македонија“ во континуитет посветува внимание на темите за регионалната соработка со посебен осврт на заштита на националните права на Македонците во соседството. Во деновите што следуваат, повторно ќе бидат анализира партиските програми но со тежиште на партиските програми во делот на статусот на Македонците во регионот и дијаспората.

За реципроцитет во односите со соседите доколку не ги почитуваат универзалните вредности, се залагаат од коалицијата „Никогаш северна секогаш Македонија“

Од коалицијата „Никогаш северна секогаш Македонија“ на планот на односите со соседите сакаат да имаат човечки, пријателски и пред сѐ односи на почитување меѓу државите соседи.
– Република Бугарија и преостанатите соседи пред сѐ Грција не треба да се откажат или, пак, да го игнорираат својот деклариран европски пристап базиран на вредности за мир, граѓански и човекови слободи и права и права на малцинствата во нивните држави, како и од загарантираните европски и меѓународни документи за заштита и унапредување на правата и слободите малцинства на своја територија. Тоа се цивилизациски документи и сите мора да ги почитуваме. Во спротивност ќе мораме да воведеме принцип на реципроцитет кон секого. Балканскиот простор мора конечно да се ослободи од стереотипите што му припаѓаат на минатото и од фашистички и шовинистички истапи или реакции на политичари од сите страни. Ќе се обидеме да ставиме крај на негативната кампања и претставите за „нашиот лош сосед, наш традиционалниот непријател“ – вели лидерот на коалицијата Јове Кекеновски.
Тој смета дека треба да се престане со темите што служат за дискредитација и демонизација на едната или другата страна, а политичарите од соседството да се откажат од високодецибелна и антимакедонската реторика, која ја слушавме со години.

– Добрососедство не се создава на хартија, туку со конкретни гестови. Сакаме од денес па натаму да можеме да разговараме за избегнување на стереотипите, ставовите и размислите што поттикнуваат конфликт, нетрпеливост, омраза и недоразбирање. Ние сме биле европски настроени пред Европејците и тоа мораме да го докажеме на дело и во практика. За жал, договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор не се на висината на овие заложби и затоа мораме сериозно да поработиме на нивно поништување или во најмала рака корекција за да се исправат нанесените неправди кон нас како народ и држава – нагласува Кекеновски, носител на листа од ИЕ2.