Хрватското МВР ја оневозможувало работата на народната правобранителка

Во соопштението на народната правобранителка на Хрватска се наведуваат случаи во кои хрватската полиција употребувала палки, а мигрантите биле присилувани да ги соблечат обувките, да клечат или да стојат во снегот и да поминуваат низ кордон во кој биле удирани или навредувани

Хрватската полиција продолжува да им ги крши човековите права на мигрантите и надлежното министерство го попречува пристапот до податоците за третманот кон мигрантите, кои тврдат дека се претепани, ограбени и враќани преку хрватската граница без каква било процедура. На овие пропусти во третманот со економските емигранти од азиските земји предупреди Лора Видовиќ, народната правобранителка во Хрватска. Таа, како што објави „Слободна Далмација“, во неколку настапи предупреди на претставките од мигрантите, кои се однесуваат на полициското насилство. Но досега не добила информации од МВР ни од Државното обвинителство за спроведените истраги со кои би се потврдиле или отфрлиле жалбите поднесени од мигрантите.

Во соопштението на народната правобранителка испратено до Одборот за човекови права и правата на националните малцинства се наведуваат случаи во кои хрватската полиција употребувала палки, а мигрантите биле присилувани да ги соблечат обувките, да клечат или да стојат во снегот и да поминуваат низ кордон во кој биле удирани или навредувани.

– Низ ваквите постапки, на лицата од другите земји не им било дозволено да зборуваат. Постојат и сведоштва дека им биле одземани и вредни предмети, пари и мобилни телефони. Ваквите постапки можат да претставуваат повреда на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, според кои никој не смее да биде подложен на мачење со нехумани или понижувачки постапки или казни. Тоа наметнува потреба од спроведување ефикасна истрага – се наведува во дописот до собраниската комисија.

Канцеларијата на правобранителката во повеќе обиди побара детални информации од хрватското МВР и ДОРХ за спроведување такви истраги, но никогаш не ги добила. Притоа, изостана и недвосмислена и јасна осуда на насилството кон мигрантите од највисоките државни функционери.
До народната правобранителка континуирано пристигнуваат забелешки од мигрантите преку организациите на цивилното општество и меѓународните организации, за барање на меѓународна заштита и игнорирање на ваквите претставки, кои се однесуваат на претепување, ограбување, уништување на мобилните телефони, полевање со вода, враќање преку зелената граница, надвор од законската процедура. На прашањето на овие жалби, од полицијата велат дека тие се неосновани и невистинити, наведува Видовиќ.

Народната правобранителка тврди дека првпат била оневозможена во извршување на работата од страна на хрватското министерство за внатрешни работи, кое не ѝ дозволило непосреден пристап до предметите и податоците за постапување кон мигрантите. Според информациите што се добиени од полициските станици во Глина, Гвозд, Цетинград, Карловац и Доњи Лапац, грубо се прекршени прописите при третманот со мигрантите. Како пример за игнорантското однесување на МВР кон правобранителката се посочува оневозможувањето увид во снимките од термовизиските камери, за кои од полицијата велат дека не постојат и тоа за оние што се однесуваат за посочени инциденти. Покарактеристичен предмет беше и оној што беше отворен од семејството Хусини, поврзано со загинувањето на девојчето Медин, но таа информација никогаш не била доставена до народната правобранителка на Хрватска, пишува „Слободна Далмација“.

На обвинувањата од народната правобранителка Министерството за внатрешни работи на Хрватска одговори дека сите одговорни институции добиле одговор, појаснување или соодветни информации што биле побарани од него. На ист начин биле информирани и европските институции.

Во однос на оневозможувањето на пристапот, односно увид од страна на народната правобранителка таа добила детално објаснување на кој начин и кој може да добие информации во согласност со позитивните законски прописи, кои се однесуваат на заштита и тајност на податоците.
– Не е оневозможен пристапот туку е појаснет начинот за добивање на информациите што ѝ се потребни за работа. Народната поравобранителка годинава 23 пати побара информации од кои на најголемиот дел е одговорено, а за три се работи на подготвување на информациите – соопштиле од хрватската полиција.