Косовскиот претседател, Хашим Тачи, за новинарите во Тирана денеска изјави дека дошло до несогласувања во дијалогот помеѓу него и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Тачи, синоќа во пресрет на самитот со албанскиот премиер, Еди Рама, кој е домаќин на регионалната средба, разговарал за обединување на Албанците, целосно отворање на границата меѓу Албанија и Косово, како и спојување на Прешевската Долина на југот од централана Србија.

На пленарната средба во Тирана, на која присуствуваат лидерите на земјите од Западен Балкан, но и високата претставничка на ЕУ и посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Федерика Могерини, Вучиќ изјави дека доста му е да слуша што сака Хашим.

– Никогаш не сум зборувал за модели за решавање, а доста ми е да слушам за тоа што Хашим сака или не сака. Ти Хашиме, зависиш од нас. Тоа нема да оди така, те молам да разговараш со мене, а не ти да кажуваш што сакаш, а што не сакаш. Сакаш ли јас да ти кажам што не сакам – праша Вучиќ.

Вучиќ додаде оти се надева дека во целата ситуација ќе преовладува разумот.

– Те молам, не споменувај ја Република Српска без никаква потреба, знам зошто го кажуваш ова бидејќи Американците не ја сакаат РС. Можам да кажам дека нема да ви дозволам да формирате РС во Србија, а тоа е Косово. Истуркав многу тешки решенија, ве молам да се вразумите. Замисли јас да зборувам за она за што ти и Рама се состанавте вчера? Или Колинда денес? За обединување. Само малку запрете, сфаќам сè, но запрете. Ако дојдеме до решение – одлично, ако не, веројатно ќе имаме мудрост да го зачуваме мирот – истакна Вучиќ.

За сето ова, Мета додаде дека би било добро дијалогот да бил завршен вчера, а не денес или утре.