Предлогот кој ветуваше решавање на косовскиот спор, преку размена на територии помеѓу Косово и Србија, иако контроверзен, доби поддршка од САД и од клучните членки на ЕУ, наспроти противењето на Германија. Сегашниот неред во Брисел и превирањата во американската политика би можеле повторно да го актуелизираат предлогот или одредени негови аспекти, на штета на регионот, објавува „Ал џезира“.

Косовското прашање го претставува најголемиот нерешлив проблем од војните во поранешна Југославија, спротиставувајќи ги дури и лидерите на САД и на Русија. Западот честопати не може да ја разбере тежината на косовскиот спор, кој стана Гордиевиот јазол на европскиот и трансатлантскиот кризен менаџмент, поради неговата симболика.

Европската Унија се вклучи за да покаже дека е способна да се справува со кризи на нејзината периферија и да ги покаже „недоволно искористените мускули“ во надворешната политика. САД се вклучени откако го предводеа бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година. И ЕУ и САД сакаа да докажат дека можат да се воспостават функционирачки општества по воена интервенција. А сепак, секој нов предлог дополнително го стегна косовскиот Гордиев јазол, наместо да се отплетка.

По годините на преговори во Брисел и во Вашингтон, милијардите потрошени на мисиите на Обединетите нации и на ЕУ и небројните неисполнети договори, спорот помеѓу Србија и Косово не е поблиску до решение, додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп назначи не еден, туку двајца пратеници за да се справуваат со проблемот. Се чини дека американската администрација за Косово ја користи нејзината „двоканална“ дипломатска стратегија, како што тоа го стори во Украина, каде што го назначи Курт Вокер. 

Вклучувањето на американскиот пратеник Ричард Гренел во косовскиот спор претставува сигнал оти САД ја „туркаат“ Германија како главен надзорник на балканските прашања. А договорот помеѓу Србија и Косово би бил прекупотребна дипломатска победа за Трамп во пресрет на претседателските избори во 2020 година. 

Но, како и во случајот со Украина некоординираната и непредвидливата надворешна политика на Трамп само ги зголемува постоечките проблеми наследени од претходните администрации. Слично на тоа, несогласувањата во Брисел придонесуваат за конфузијата во регионот. Ако САД и ЕУ не го сменат пристапот, постои закана дека косовскиот спор ќе се развие и ќе предизвика нестабилност во целиот регион.