Најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека би можел да присуствува на состанокот меѓу Александар Вучиќ и Абдулах Хоти, закажан за четврти септември во Вашингтон, предизвикува нервоза во Германија, изјави Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи.

– Се очекува да бидат потпишани т.н. сеопфатна декларација и меморандум за соработка, чија основна порака би била да се престане со периодот на судири и да се премине во период на мир. Ова е политичката содржина од овој состанок, што во основа не е нешто ново. Американската страна сака да поддржи реализација на конкретни економски теми – изјави Јањиќ за „Данас“.

Соња Бисерко, претседателката на Хелсиншкиот одбор за човекови права, вели дека Вучиќ е свесен за состојбата и за тоа дека нема многу избор.
– Прашање е дали тој ќе направи исчекор и ќе ја насочи Србија кон евроинтеграциите. За тоа нема да најде силна поддршка во својата партија, опозицијата, во црквата и академската заедница. Тој исчекор мора да го направи сам, но со поддршката на граѓаните на Србија – изјави Бисерко.