Мостар во поранешна Југославија беше симбол на заедништвото

И годинава следбениците на антифашистичката борба беа пречекани со усташки и нацистички симболи, кои беа испишани на камените ѕидови на партизанските гробишта на градот на Неретва, Мостар

Неколку илјади антифашисти ја одбележаа 75-годишнината од ослободување на Мостар од фашизмот. Луѓето носеа реквизити, кои потсетуваа на Титовото време. Звуците на хармоника ја дополнуваа свечената атмосфера, а присутните пееја традиционални партизански песни од Народноослободителната војска во текот на Втората светска војна. И оваа година следбениците на антифашистичката борба беа пречекани со усташки и нацистички симболи, кои беа испишани од непознати лица на камените ѕидови на гробиштата во Мостар, ноќта пред да се одржи главната прослава, објави телевизија Н1.

– Ова го очекувавме. Знаеме од кои центри на моќ ни кажуваат дали овде смее или не смее да се прави ова. Овој град е окупиран од луѓе и од политиката, кои не им мислат добро на народите што живеат овде. Ние носиме идеја на иднината и на заедништвото, додека тие живеат со идеите далеку во минатото и тука се јавуваат проблеми. Денеска ја славиме слободата. Тоа е нашата приказна – порача Сеад Џулиќ, претседателот на УАБНОР за БиХ.

Борис Петковиќ, кој во саботата пристигна од Белград, е разочаран што не им било овозможено на антифашистите да дефилираат низ градот Мостар.
– Фашизмот ја крева главата. Создаваат омраза и истураат отров меѓу младите. Ова е голем јубилеј. Мостар е трет град по големина во Босна и Херцеговина, а, за жал, фашизмот сѐ повеќе е присутен. Денеска е поизразен од 1943 и 1944 година. Не успеавме да го уништиме сите овие години – изјави Петковиќ.
По посетата на партизанските гробишта, антифашистите беа нападнати од хулигани, кои фрлаа со камења, факели и шишиња. Со брзата интервенција на специјалната полиција, хулиганите беа растерани, објави сараевскиот портал „Кликс.ба“.
Во Втората светска војна, Мостар имаше 750 загинати борци, 1.517 жртви од фашистичкиот, усташкиот и четничкиот терор. Или секој осми жител не ја дочека слободата. Градот имаше и свој баталјон и даде 14 народни херои.
Аднан Велагиќ, професор по историја на универзитетот „Џемал Биједиќ“, во изјава за Ал џезира вели дека Мостар и натаму е жртва на фашизмот, затоа што оваа идеологија и натаму живее низ називите на улиците, училиштата и институциите.

– Нашето општество е заразено со вирусот на фашизам и не е во состојба да одговори на сите предизвици, кои оваа идеологија ги пласира низ различни облици. Во БиХ постојат различни облици на фашистичко однесување: од испишување пароли или скандирање фашистички пораки на спортски настани, до институционално дејствување, односно преку именување на улиците – вели Велагиќ.
Штефица Галиќ, новинарка и долгогодишна активистка за човекови права, е честа цел на напади поради своите ставови.

– Денеска е повеќе од потребно да се говори со гордост за антифашистичкиот отпор од 1941-1945. Се знае дека двапати повеќе мостарци загинале во последната војна, водени од болната одмаздничка омраза на чуварите на идејата, која е поразена во Втората светска војна – вели таа.
Според неа, актуелната власт во Мостар го задржува статус квото што ги одразува воените граници. Граѓаните се држат во агонија со трговијата на двете националистички партии ХДЗ и СДА и со лагите и медиумската пропаганда, која ги поттикнува омразата и стравот од нова војна.

– Со негирање на хашките пресуди и со славење на своите злосторства како херојски, со корупција во сите сегменти на општеството, со образование што ги учи младите да мразат нѐ доведоа до ваквата состојба во која сме сега – вели Галиќ.
Мостар во периодот меѓу двете светски војни важеше за социјалистичка авангарда, а во поранешна Југославија беше симбол на заедништвото.