Едно лице е повредено во неразрешен инцидент во Тирана, каде илјадници луѓе по втор пат се собраа да протестираат против уривањето на зградата на Народниот театар.
Неколку илјади демонстранти и стотици полицајци стоеја лице в лице, во центарот на Тирана повеќе од два и пол часа, за време на протестот поради ноќната акција на локалните власти, во текот на која зградата на Народниот театар изградена во 1939 година беше избришана од лицето на земјата, пренесува РТС.

Демонстрантите, меѓу кои биле и лидерот на демократите, Љуљзим Баша, дисидентот Фатос Љубоња и десетици актери, бараат независна истрага за уривањето на зградата на театарот и оставка на градоначалникот на Тирана, Арион Вељај.

Судбината на оваа зграда е предмет на остра полемика меѓу владата на Еди Рама и интелектуалците, кои остро се спротивставија на рушењето на објектот, кој се смета за дел од албанското национално наследство.

Веднаш по уривањето, следуваше бран остри реакции, а неколку стотици Албанци се собраа во центарот на градот, каде демонстрантите фрлаа факели и петарди кон полицајците.

Полицијата уапси вкупно околу 50 лица, меѓу кои и сопругата на претседателот Илир Мета.