Годишната дозволена квота за вработување странци во Црна Гора изнесува 18.000, додека на бироата за вработување има 40.000 невработени лица. Директорот на Заводот за вработување на ЦГ, Суљо Мустафиќ, вели дека квотата за вработување странци е искористена за 50 проценти. Најголемиот број работници се ангажирани од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, претежно во угостителството и во туризмот. Поради незаинтересираноста на домашните невработени лица, работодавците се принудени да плаќаат повисоки плати за странските работници.
– Заводот за вработување на ЦГ континуирано го унапредува пристапот за ангажирање на невработените лица. Со активните мерки во годишниот буџет се предвидени над четири милиони евра, наменети за преквалификација и обуки на оние што бараат работа. Интересирањето не е секогаш исто и не е на задоволителното ниво – вели Мустафиќ.

Тој посочува на потребата од целосна измена на политиката на образование и фаворизирање на производствените кадри што недостигаат на пазарот на трудот. Со посредство на Националната служба за вработување биле ангажирани 30.000 лица, а нивниот број со помош на локалната самоуправа се зголеми за десет илјади лица. Претседателот на општината Бар, Зоран Зрзетиќ, вели дека за поттикнување на мерките за вработување во оваа буџетска година се предвидени 335.000 евра.