Сомневање за постоење на синдромот на поврзаност на највисоките претставници на власта со организираниот криминал е присутно во повеќето балкански земји, но последниов период најдрастично се манифестира во Србија. Сомневањата за злоупотребите во службата на поранешната висока полициска функционерка Дијана Хркаловиќ почнаа да добиваат разврска, а нејзиното приведување многумина ќе остави без сон. Засега е приведена поради сомневање за затскривање докази, но српската јавност очекува токму таа да ја отвори Пандорината кутија

Сомневање за организиран криминал во врвот на српската држава

Одредувањето 30-дневен притвор за поранешната државна секретарка во српското МВР, Дијана Хркаловиќ, ги освежи информациите што беа пласирани во медиумите за „невидливите врски“ меѓу припадници на полицијата, политичарите и белградското подземје. Задржувањето во притвор на некогашната заменичка на поранешен министер за полиција, а денеска позната српска инфлуенсерка, е поради основано сомнение дека ги отстранила доказите што го поврзуваат водачот на озлогласената криминална група, Вељко Беливук, со убиството на каратистот Властимир Милошевиќ во Белград во 2017 година, што во полициската архива се води како „убиство на шините“. За името на Хркаловиќ се врзува и протекувањето безбедносни информации за прислушувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ, афера што никогаш не беше процесирана низ судска постапка.
Граѓаните во Србија ја препознаваа Хркаловиќ по „студениот израз на лицето“ на сите јавни настапи и прес-конференции, а секогаш била во заднината на тогашниот министер за полиција Небојша Стефановиќ. Провладините медиуми во Србија во континуитет пишуваа за професионалниот ангажман на поранешната државна секретарка, која направи метеорска политичка кариера од нејзиното пристапување на работа во Безбедносната информативна агенција во 2014 година. Во меѓувреме, таа влезе во политиката. Прво со Богољуб Кариќ како член на Движењето на силите на Србија, а потоа направи политички трансфер во актуелната владејачка партија СНС.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на гостувањето на телевизијата Прва, изјави дека постои основа за нејзино приведување во полицијата и најави нови апсења во наредниот период.

– Според тоа што го слушнав од министерот за внатрешни работи, станува збор за убиството кај шините. Пронајдени се ДНК-докази во врска со луѓето што требало да бидат уапсени, но не се уапсени – изјави Вучиќ.
Убиството на каратистот Властимир Милошевиќ се случило во јули 2017 година, во време кога Хркаловиќ била секретарка во Управата за криминалистичка полиција, а потоа замина на должноста државна секретарка на МВР. На почетокот на годинава, како што пишуваше Нова.рс, таа била испрашувана и за наводното прислушување на претседателот на Србија, како и за други незаконски дејства и за контакти со криминалните кругови. Наводно била и во пријателска врска со еден припадник на жандармеријата, кој имал блиска комуникација со навивачката група „Јаничари“, која беше предводена од Александар Станковиќ, познат како Сале Мутавиот, кој подоцна беше ликвидиран. Оваа група соработувала со власта, но и со Кавачкиот клан од Котор, кој бил во долгогодишна крвава војна со ривалската група „Шкаљари“. Наводно, по нејзина иницијатива била формирана и ОПА, Специјалната полициска единица, која беше вклучена за предизвикување нереди за да се дискредитираат протестите на опозицијата, пишува Нова.рс.
Бирн.рс во своите минати текстови се осврнува на причината за заладувањето на односите на Дијана Хркаловиќ со високите функционери од СНС, а како главна причина се наведуваат сѐ позачестените афери, кои беа поврзувани со актуелната владејачка гарнитура. Во тоа ново мешање на картите, Хркаловиќ, која била најблиска соработничка на тогашниот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, е прогласена за „носител на корупцијата и водач на криминални кланови“, а нејзината активност станува главна тема во провладините медиуми, пишува Бирн.рс.
Според информациите од тој период, Хркаловиќ ги добивала задолженијата од самиот врв на власта и раководела со полиграфското сослушување на еден од водачите на кокаинскиот клан на Дарко Шариќ, кој изнел обвиненија против поранешен полициски началник за давање мито, за да не се води истрага против него. Хркаловиќ се споменува и дека наводно учествувала и во тајното и незаконско следење политичари и новинари.

Како важна пресвртница се смета убиството на шините, по што Беливук е уапсен поради обвинение дека го усмртил Милошевиќ, но доказите што биле собрани на самото место во текот на постапката биле изземени од предметот. Потоа Беливук бил обвинет за полесно кривично дело – помагање во убиство, но на крајот бил правосилно ослободен од сите обвиненија. За Беливук јавноста слушна пролетта 2016 година, по претепувањето член на обезбедувањето на директорот на „Партизан“, за што беше осуден на домашен притвор без електронски надзор. Криминалните групи се споменуваат и во случајот „Савамала“, кога беше расчистен просторот за изградба на објекти во центарот на Белград. За сите случаи медиумите во Србија одговорноста ја насочуваа кон Дијана Хркаловиќ, но прашањето е дали таа можела сама да им ја дава заштитата на криминалците или за тоа имала поддршка од некој помоќен од неа, пишува во текстот на Бирн.рс.