Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хрватските трговски компании во малопродажбата и угостителството ќе поднесат тужба до Уставниот суд доколку премиерот Андреј Пленковиќ го исполни најавите за прогласување за неработна недела, со можност продавниците да работат само 16 недели во годината. Досега во Хрватска такви тужби двапати доведоа до укинување на забраната за работа на трговијата во недела, во 2004 и во 2009 година. Основната причина, како што потсетуваат од Хрватската стопанска комора, е што со спорните одредби во Законот за трговија биле нарушени претприемачките слободи што се гарантирани со Уставот на Хрватска. Тоа значи дека доколку намерата на Владата е да ги заштити работниците, тогаш треба да се менува Законот за работа, што значи одредбата да се однесува за сите дејности, а не само за трговијата.
Во образложението на Министерството за економија за измените и дополнувањата на Законот за трговија, намерата е да се уреди „правото на неделен одмор, како и прашањето за рамнотежа на приватниот и деловниот живот на граѓаните“. Трговците со непрехранбени производи сметаат дека ограничувањето за работа во недела ќе ги намали нивните приходи, бидејќи во овој ден од неделата се остваруваат околу 20 отсто од приходите. Се проценува дека трговскиот сектор во Хрватска би можел да забележи пад од три отсто, што ќе се одрази и на падот на БДП. Но предлагачите на измените излегуваат со податоци за остварениот промет во претходните пет години и од прикажаните фискални приходи во Даночната управа, кои покажуваат дека најголем промет се остварува во целокупната трговија во деновите петок и сабота, а најмалку во недела. Трговските центри во неделите остваруваат 15 отсто од приходите, а речиси 20 отсто во саботите.

Владата на Македонија ги подготви законските измени што ја дефинираат недела како неработен ден. Прецизирани се дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по процените се неопходни за нормално функционирање на општеството. Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за оние што ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со Законот за трговија. Со оглед на тоа што законски утврдените консултации завршија, се очекува уште овој месец измените да се најдат на владина седница.
Од Владата посочуваат дека со ова се врши усогласување на приватниот и професионалниот живот на работниците. Оттаму велат дека тоа ќе резултира со поголемо задоволство на работниците и зголемена мотивираност во работењето, што понатаму ќе придонесе за поголема продуктивност, подобри економски резултати на работодавците, а со тоа и на работниците. Синдикатите не се согласуваат во целост со ова решение и бараат поголеми заштитни механизми. Работодавците сметаат дека решението е добар компромис, до кој се дошло по подолги разговори меѓу социјалните партнери.
Словенечкиот уставен суд ја објави пресудата со која законската забрана на работа на продавниците во недела и празници не е спротивна на Уставот и не ја крши уставната гаранција на слободна економска иницијатива. Уставните судии сметаат дека може да се ограничат активностите ако тоа ја обезбедува јавната корист или заштитата на здравјето на луѓето, пренесува „Хина“.