На социјалните мрежи корисниците споделуваат снимки од снегот што почна да паѓа вчера и завчера на Бабановац, Влашиќ, но и во другите делови на Босна и Херцеговина. Како што јавуваат босанските медиуми, овие снежни врнежи биле очекувани, со оглед на тоа што Федералниот хидрометеоролошки институт претходно најавил дека ќе паѓа на планините. Сепак, корисниците на социјалните мрежи негодуваат поради снегот и наведуваат дека би било убаво снегот да паѓа само на планините, а не и подолу во градовите. Ден претходно, поради падот на температурите на воздухот, на планинските места во Хрватска почна да паѓа снег, а снег врнеше и на планинските места во Словенија, додека по должината на Јадранот беа регистрирани интензивни врнежи од дожд, проследени со грмежи и засилен ветер. Дали првиот снег во регионот навестува дека би можеле да се остварат прогнозите на народните метеоролози, кои најавуваат остра и ледена зима во регионот? Неодамна медиумите ја објавија прогнозата на народниот метеоролог од Тутин, Мухамед Адемовиќ, пензиониран професор, кој со години ги предвидува точните временски услови со набљудување на однесувањето на животните и на растенијата. Според неговата изјава од септември, мравките веќе почнале да прават мравјалници длабоко во земјата, што значи дека зимата може да биде силна и сурова. Бугарскиот метеоролог Симеон Матев потврди дека по топлиот октомври, се очекува студено време, а зимата ќе биде со пониски температури и со повеќе снежни врнежи од минатата.