Протестите под мотото „Правда за Давид“, кои непрекинато се одржуваат во Бања Лука добиваат поддршка и од други градови на Босна и Херцеговина. Собирите на граѓаните се за да се дојде до вистината и правдата за смртта на студентот Давид Драгичевиќ. Новите протести се последица на бруталната употреба на сила на полицијата на Република Српска на централниот плоштад во Бања Лука, каде што беа уапсени родителите на Давид, а неколку граѓани беа повредени.

„Дојче веле“ во својот текст дава пресек на настаните по убиството на студентот, кое се случило во неразјаснети околности, и како тоа се одразува на политичките околности во Република Српска. Давид исчезна ноќта меѓу 17 и 18 март во период на изборна година. Неговиот татко незаинтересиран за политика и власт, бараше правда за својот мртов син. Тврдеше дека тој е мачен и убиен, но полицијата по пронаоѓањето на телото тврдеше дека тоа е несреќен случај. Таткото Давор од крајот на март секојдневно излегуваше на исто место на плоштадот „Краина“ и јасно порача дека нема да отстапи од правдата. Неговата борба донесе етапна победа. Обвинителството неколку месеци по пронаоѓањето на телото на Давид почна да ја разгледува опцијата за убиство. Оваа истрага беше изнудена по одржувањето континуирани протести. По отворање на предметот, полицијата продолжи да го затскрива случајот.

Во септември, на предизборната кампања во Босна и Херцеговина кулминира и темата за убиството на Давид. Тоа станува централна тема меѓу опозицијата и власта во Република Српска, предводена од партијата на Милорад Додик. Тој во изјава за медиумите протестите за разоткривање на случајот го стави во политички контекст.
– Тој изнел кревет на плоштадот и мисли дека е фраер. По осми октомври тој нема да биде таму – изјави тогаш Додик, алудирајќи дека убиството на Давид нема да биде политички важно.

Додик се изјасни и по последната ескалација на протестите по апсењето на родителите на Давид, кога беа повредени повеќе лица, и за тоа ги обвини жртвите, кои невнимателно се изложуваат на полициското насилство. Тој, како што рече, бил шокиран од сцените, но се запраша „кој би донел дете на место каде што е сосема очигледно дека има опсежна полициска акција“.

Медиумите во Република Српска, кои се под контрола на власта, во повеќе наврати членовите на групата „Правда за Давид“ ги нарече „уривачи на РС, странски платеници и соросоиди“. Во нивните извештаи имаше и дезинформации дека протестантите спречувале апсење на едно момче и го шутирале полицаецот, кој бил паднат на земја. Оваа информација не била поткрепена со снимка или фотографија. Со ова продолжуваат обидите на власта во РС, за криминалното криминализирање на протестите.

Зарем по сѐ што видовме на плоштадот „Краина“ тоа не е болно сфаќање на правото и правдата во смисла на државен монопол на силата? Ако налогодавците дополнително го толкуваат тепањето со пендрек како единствено можно дејствување на правната држава зарем тоа не е безобразно исмевање на граѓаните и на жртвите, се прашува авторот на коментарот на „Дојче веле“.

Таткото на Давид секако нема да отстапи од својата борба за правда, независно дали ќе биде на слобода или зад решетки. Тој и против сопствената волја, барајќи ја правдата, стана центар за давањето отпор против самоволието. Опозициските партии можат да ги поддржат неговите барања, но секој вид претворање на родителската болка во партиска чорба би било невкусно. Протестите нема да престанат и важно е протестите да останат ненасилни, заклучува „Дојче веле“.