Заради поголема имунизација на населението, земјите од регионот се одлучуваат и за воведување „рестриктивни“ правила за одржување јавни собири и манифестации што се однесуваат првенствено на лицата што сѐ уште не се вакцинирани против ковид-19

Земјите од регионот очекуваат поголемо зголемување на бројот на заболени од ковид-19 поради тоа што имаше преголемо опуштање на граѓаните во текот на летниот период. Непридржувањето на препораките за заштита од ширење на коронавирусот и намалувањето на интересот за вакцинација ги принудија здравствените власти на враќање на мерките за ограничено движење на луѓето, а некои, како Грција, воведуваа и дополнително ограничување на работата на угостителските објекти. Заради поголема имунизација на населението, земјите од регионот се одлучуваат и за воведување „рестриктивни“ правила за одржување јавни собири и манифестации што се однесуваат првенствено на лицата што сѐ уште не се вакцинирани против ковид-19. Воведувањето на електронските ковид-сертификати предизвика големо незадоволство во земјите од Европската Унија, а слични реакции има и кај невакцинираните лица на Балканот, кои сѐ уште се мнозинство во однос на луѓето што се вакцинирале.
– Четвртиот бран е неизбежен. Не смееме да дозволиме влошување на епидемиолошката состојба со веќе постојните мерки. Кај нас процентот на вакцинација е низок, а опуштањето на граѓаните е неоправдано и недозволиво – изјави Мирсад Ѓерлек, државен секретар во Министерството за здравје на Србија, пренесува „Србија данас“.
Во Македонија веќе се најавуваат рестриктивни мерки. Од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков објект, како и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни лица, за прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани. Се предвидува и ограничено присуство на невакцинираните лица (неможност да присуствуваат на свадби), што предизвика и негодување кај луѓето, дека со ова им се скратуваат правата за слободно движење.

Анализите што беа изработени изминативе денови од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) укажуваат дека вирусот пред сѐ се шири кај невакцинираните, при што над 90 отсто од новите случаи се невакцинирани граѓани. Од друга страна, опфатот со вакцинација е под 20 проценти во Тетово. Како кластери каде што најбрзо се шири вирусот се свадби и прослави на затворено, кои ги има многу во овој регион, а според информациите на локално ниво воопшто не се почитуваат мерките за превенција, пред сѐ носење маски во затворено. Од анализата на ИЈЗ за изминатиов период, како што потенцираа, од оние што биле целосно вакцинирани, само 11 пациенти досега се хоспитализирани и само 167 од над 400.000 вакцинирани граѓани се инфицирале.
Некои од државите, наместо да воведуваат задолжителна обврска за вакцинирање, се одлучија за други методи за потикнување на граѓаните да се вакцинираат. Организирањето лотарија за вакцинираните изгледа попривлечно за поголемиот дел од населението, а тоа е направено во американската држава Охајо и во Словачка. Премиите достигнуваа и до два милиони евра. Во Полска се доделуваат вредни награди, електрични тротинети или автомобили. Доделување разни бонуси имаше и за граѓаните од земјите на Западен Балкан. Црна Гора за вакцинираните пензионери доделува туристички ваучер во вредност од 50 евра, а на вработените во државните институции на вакцинираните лица им се одобруваше право на слободен ден. Владата на Србија во мај годинава ја воведе одредбата со која на сите граѓани што ја примиле првата доза им се одобрува парична помош од 25 евра, а слична акција беше спроведена и од еден белградски трговски центар, кој за вакцинацијата доделуваше ваучер во вредност од 26 евра. Една од стимулативните мерки се однесува на добивање 100 отсто од платата во случај да се биде на боледување поради ковид-19, но тоа право важи само за вакцинираните лица. Другите граѓани што ќе заболат ќе добијат надомест од 65 отсто од платата. Српскиот претседател најави одржување државна лотарија за вакцинираните, а како што се споменува, главната премија е стан во Белград, автомобил „фиат 500“ и други вредни награди и туристички ваучери и попусти за набавка во домашните продавници.

Епидемиологот Зоран Радовановиќ смета дека ваквите видови награди може да имаат одреден ефект за поголема вакцинација, но тоа може да создаде погрешни очекувања.
– Ова ги менува односот и перцепцијата кон вакцинацијата, а тоа е дека нема да го прават тоа поради сопственото здравје, туку поради парите. Ова може да има ефект, но не голем, а тоа го покажа искуствата во светот – вели Радовановиќ за „Ал џезира“.
Психологот Мустафа Шувалија смета дека паричните или другите награди може да дејствуваат само кај луѓето што немаат сериозни сомнежи поврзани со негативните здравствени последици од вакцинацијата. Според социологот Ратко Божовиќ, ваквите мерки за потикнување на вакцинацијата се „цивилизациски примитивизам“.
Според епидемиологот Зоран Радовановиќ, во земјата се спроведува популистичка власт, која сите граѓани ги смета за потенцијални гласачи и затоа „никој не треба да биде разочаран со некакви принудни мерки за антиваксерите“. Во атмосфера во која владее општ скептицизам кон власта се добива низок процент на вакцинирани, при што се прибегнува кон методите на „коруптивно“ решавање на проблемите, со воведување наградни игри.
Најстручно образложение би било воведување задолжителна вакцинација или како што направија одредени земји што се однесува на вакцинацијата на медицинскиот персонал, сметаат некои епидемиолози.