Српските мајстори и занаетчии заминуваат во странство, а поради недостиг од работници, граѓаните во Србија чекаат неколку недели

СРБИЈА

На изградба на српските пруги се ангажирани работници од Кина и од Русија, а од овие земји се и најголемиот број странски работници во Србија. Големиот број кинески и руски работници се должи на тоа што најголемите инфраструктурни проекти во земјата им се доделени на кинески и на руски компании. Според податоците на Националната служба за вработување, лани на странските државјани им се издадени 13.802 работни дозволи, што е за пет илјади повеќе од 2018 година. Но има и многу работници од другите држави што работат на црно, но нема реална процена колкав е нивниот број.

Најмногу странци, кои легално престојуваат во Србија, се ангажирани од фирмите што дејствуваат во Белград, Нови Сад и во Ниш. Поголемиот број работат на градилиштата, а гледано според државјанствата, најзастапени се работниците од НР Кина – 3.149, од Руската Федерација 2.813 и од Турција има 772 дозволи. Меѓу, државите се и Украина со 697 дозволи, Македонија со 501, Италија со 448 и Романија со 443 работници.
Саша Торлаковиќ, претседател на Синдикатот на градежните работници во Србија, за „Новости“ изјави дека повеќето од работниците, кои инспекцијата за труд ги затекнува на градилиштата, немаат склучено договори за работа, а работодавците секогаш имаат изговори дека се во постапка за пријавување.

– Кинеските компании уредно ги пријавуваат своите вработени, додека Турците доаѓаат исклучиво преку своите компании, кои го регулираат нивниот статус – вели Торлаковиќ.
Одреден број од албанските работници во Србија работат легално, а има и од оние што се во сивата зона и тешко можат да се откријат. Слична е состојбата и со градежниците од Босна и Херцеговина и од Македонија. Но состојбата не е подобра и со српските работници, кои исто така работат со нерегулиран статус на градилиштата.
– Странците имаат минимални плати за кои нашите работници не сакаат да работат. Работниците од Индија месечно заработуваат од 320 до 350 долари, а за најмали пропусти им се одбиваат по 50 долари од платата. Албанците се задоволни со дневница од 20 евра. Српските работници заминуваат за Германија за саатница од 10 евра – вели Торлаковиќ.

Повисока дневница во градежништвото можат да добијат само мајсторите каменоделци и армирачи, но доколку се одлучат да работат без договор. Во тој случај за еден работен ден добиваат до 80 евра.

Поради недостиг од работници, за работи како што се реновирање, граѓаните чекаат да им дојдат градежници или занаетчии од три до пет недели. Затоа, ни на работодавците ни на работниците, не им одговара да потпишуваат долгорочни договори, па затоа и мнозинството странски работници се ангажирани надвор од законот.
Лани, во странство работеле 1.726 српски работници од градежниот сектор, а домашните компании најголема работа имале во Германија, Русија, Перу и во Уганда. Вредноста на извршените градежни работи во странство изнесувала 17,6 милијарди динари, а 20 отсто од нив е реализирана во Германија, на второ место е Русија со 16,6 отсто, пишува „Новости“.