Непочитувањето на здравствените мерки главен фактор за новиот бран на епидемијата

Во изминатите денови е забележан значителен скок на новозаболени лица од коронавирусот во земјите од Западен Балкан

Олабавувањето на мерките против ширењето на коронавирусот и непридржувањето кон препораките од здравствените власти влијаеше на зголемување на бројот на нови случаи на заразени во земјите од Западен Балкан. Изминатите денови епидемиолозите предупредија на опасноста од воведување дополнителни изолации во одредени региони. Како најкритична точка во Србија е главниот град, каде што има поголем скок на заболени лица, кои се заразиле на прослави или во некои од фирмите во внатрешноста на земјата, кои не се придржувале доследно до препораките за заштита од заразата. Македонија води на врвот со дневниот пораст на заразени, кои достигнуваат во просек над 150 лица.

Според последните информации во Србија, од последиците на коронавирусот починало уште едно лице, а вирусот бил потврден кај нови 59 лица. Во последните 24 часа биле тестирани 5.470 лица, додека бројот на активните случаи е 546. На респиратори се 15 пациенти. Од почетокот на епидемијата во Србија од ковид-19 починале 256 лица.
Во Босна и Херцеговина во средата биле потврдени 56 нови случаи на коронавирусот, а претставниците на здравствените власти потврдиле дека во моментот се експериментира со применувањето на шведскиот модел со контрола на ширењето на епидемијата. Во вторникот во целата земја од направените 793 теста заразата е потврдена кај 32 лица од подрачјето на Република Српска, односно 24 лица од Федерацијата БиХ. Најмногу новозаразени пациенти имало во Сараево и во Бања Лука. Овие податоци покажуваат продолжување на трендот во последните три недели на двоцифрениот број на новозаразени лица. Вкупниот број на потврдени случаи достигна 3.100 со 168 смртни случаи.

Според помошник-министерот за здравство на Федерацијата БиХ, Горан Черкез, дневниот пораст на новозаболени не претставува знак за тревога, затоа што тоа се должи на пресметаниот ризик на процена за тоа дека редовните активности не смеат да се прекинуваат, поради тешките економски последици од пандемијата.
– Во практика е шведскиот модел на пристап кон епидемијата, кој се потпира на самодисциплината, а помалку на рестриктивните мерки. Сега сме во период кога во системот свеста игра најголема улога. Доколку се случи масовно заболување на локално ниво, ќе бидеме принудени да преземеме рестриктивни мерки во локалните заедници. Така ќе дојдеме до комбинација од т.н. шведски модел и рестриктивни мерки – изјави Черкез за порталот „Кликс“.

Деновиве премиерот на Албанија, Еди Рама, ги предупреди своите граѓани дека доколку не ги почитуваат протоколите или правилата од Министерството за здравство, ќе мора да го вратат карантинот. Во земјата бројот на заразени расте.
– Нема да се дозволи никаков вид групирања, вклучувајќи и политички. Слободното движење е гарантирано, но собирања, со поголем број од дозволениот со безбедносните протоколи, нема да се дозволи. Полицијата ќе ја спроведува својата должност, без да прави никаква разлика и кој ќе учествува во собири ќе биде казнет индивидуално – изјави Рама.

Тој рече и дека нема да има толеранција за бизнисот, па доколку не се почитуваат безбедносните мерки, освен парична казна на сопствениците им се заканува и затвор. Казни ќе има и за граѓаните ако не ги почитуваат мерките. Во Албанија завчера се регистрирани 69, а денеска 82 новозаразени, што е највисока бројка од појавата на пандемијата.

Во Косово завчера се потврдени нови141 случај на ковид-19, што е најголем број досега на позитивни за еден ден од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Вкупниот број заразени се зголеми на 1.756 лица. По неколку дена нов случај на коронавирус е регистриран во Црна Гора, која беше на прагот да прогласи слободна зона.