Здравствените власти во земјите од Западен Балкан преземаат порадикални мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, а се воведува и целосна изолација на ризичните подрачја

Епидемијата од коронавирусот во земјите од Западен Балкан се движи кон својот максимум. Бројот на заболените лица постојано е во пораст, а има и нови жртви. Најкритично е во Србија, во која се регистрирани шест смртни случаи од коронавирус. Хрватските здравствени власти се подготвуваат за „италијанско сценарио“. Во сите балкански земји се јавуваат нови жаришта на епидемијата и се воведува целосно затворање на загрозените места и градови. Македонија исто така се соочува со здравствениот предизвик. Во Дебар има 41 заболен, најмногу споредено со бројот на жители. Градот десетина дена целосно е ставен во карантин. Следуваат Скопје со 108 заболени и Куманово со 11.
Во регионот, најголеми жаришта се Белград, Ваљево, Кикинда и Ниш, во Црна Гора е Тузи, а во Хрватска состојбата е критична и во Далмација, која долго време му одолеваше на коронавирусот.

Цел остров во карантин

Далматинскиот остров Муртер е првата територија под карантин во Хрватска. Тој се наоѓа во црвената зона на ризик од зараза на коронавирус, а полицијата го контролира секое движење на луѓето. Речиси секој локален жител бил во контакт со некој што бил заразен. На Муртер има осум потврдени случаи на заболени лица, двајца од нив се ставени на респиратори, а уште 30 лица имаат зголемена температура. Во местата Муртер и Бетина во самоизолација се 67 луѓе.
Претставници на локалната самоуправа се сомневаат дека здравствените власти го применуваат методот сите жители да бидат заразени, заради стекнување колективен имунитет.
– Ние сме лежерни луѓе, премногу сме опуштени кон опасностите. До крајот на неделата ќе имаме 50 заразени само во Муртер – изјави градоначалникот Тони Турчинов за „Јутарњи лист“.
Во Хрватска се заразени 442 лица, 22 се излечени, а има еден смртен случај. Министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, вчера предупреди дека е „можно италијанско или шпанско сценарио, но дека службите се подготвени“.

Увезен вирус од Италија

Кикинда беше првото најголемо жариште на коронавирус во Србија. Мерките што се преземаат од здравствените власти се поригорозни во однос на другите делови во земјата. Вирусот во овој војводински град пристигна преку локален жител, кој допатувал од Милано. Градот неколку дена е ставен во целосна изолација. Улиците се целосно празни, надвор владее неподнослива тишина. Нема автомобили. Пазарите се затворени. По појавата на вирусот, стотина жители се ставени во домашна изолација, а тројца беа хоспитализирани во Клиничкиот центар Војводина.
– Секогаш се потсетуваме на тој човек што пиеше кафе со соседот, се гушкаше со пријателите и ја ширеше заразата. Не разбирам зошто не кажа дека бил во Милано – вели Марина Лудајиќ за „Дојче веле“.
Во Србија има уште два нови смртни случаи и бројот на жртвите од коронавирус се искачи на шест. Најголем број заболени има во Белград, Ваљево и во Ниш. Во цела земја има 384 заразени лица.

Општина Тузи најзагрозена

Во Црна Гора во карантин е цела општина Тузи, со 12 илјади жители. До вчера беа потврдени 15 случаи на зараза. На жителите им се забранува секакво движење, а полицијата ги контролира влезот и излезот од оваа општина, која е во рамките на Подгорица.
Потпретседателот на црногорската влада Милутин Симовиќ, кој раководи со Националното координативно тело за заразни болести, изјави дека „почнала борбата за Тузи и за цела Црна Гора“. Се претпоставува дека епидемијата се раширила од локалните жители што деновиве присуствувале на два погреба.
Црна Гора последна од балканските земји го доби првиот заболен, но потоа почна брзо да се шири. Под здравствено-санитарен надзор во Црна Гора се наоѓаат 6.356 граѓани. Бројот на инфицирани достигна 67 лица.

Скијачи го раширија вирусот

Бугарската влада донесе одлука за итно затворање на зимскиот скијачки центар Банско, кој се покажа како најголемо жариште, од кое се ширеше коронавирусот и во соседните земји, поради големиот број на гости од странство. Првиот вирус го пренел еден британски државјанин. Здравствените власти веднаш наредија целосно затворање на Банско, а сите странци мораа да го напуштат градот за 24 часа.
– Во Банско постои загрижувачки тренд на зголемување на заразата. Националниот оперативен штаб предлага Владата да преземе посилни мерки за градот Банско. Причината е што во градот се регистрирани три случаи на заразени со новиот коронавирус и зимските одморалишта се исклучително опасно место за ширење на заразата – нагласи генерал-мајор Венцислав Мутафчиски, по прогласувањето целосна изолација на градот.
Во Република Српска се регистрирани седум нови случаи во последното деноноќие и сега под здравствен надзор се 16.443 лица. Во цела Босна и Херцеговина има 185 заразени.